Д-р Огнен Точко / Фото: Приватна архива

Автор: Д-р Огнен Точко, уролог во Универзитетска клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“

Циститисот претставува воспаление на ѕидот бешиката.
Во најголем дел од случаите тоа воспаление е предизвикано од бактериска инфекција и се смета за инфекција на мочните патишта. Најчесто се лекува со антибиотици, а симптомите обично исчезнуваат по 3 дена од почнувањето на лекувањето. Доколку не се третира, може да дојде до компликации и проширување на воспалението долж останатиот дел од уринарниот тракт.
Симптоми кои укажуваат на цистит се: честа и силна потреба за уринирање; често уринирање на мало количество урина; чувство на печење за време на уринирање; крв во урината; заматена урина со силна миризба; притисок во долниот дел на стомакот.
Значи во случај кога сте настинале и имате нагон за често мокрење, ве боли, пече и жари најсилно на крајот на актот на мокрењето, кога урината е матна, крвава и непријатно мириса, кога се чувствува нелагодност во долниот дел од стомакот – можно е да станува збор за циститис, акутно воспаление на мочниот меур.
Ако чувствувате симптоми на циститис кои не престануваат по 48 часа, однесете примерок од урината на тестирање, по што вашиот доктор ќе ви препише соодветна терапија доколку е тоа потребно.
Жените почесто страдаат од циститис. Околу 20-40% од жените добиваат цистит во текот на својот живот. Причината за ова е самата човечка анатомија. Мочниот меур и мочниот канал кај жените и мажите се различно градени. Мочниот канал кај жените е пократок и со оглед на тоа што уринарниот отвор кај жените е многу блиску до вагиналниот, а и вагината е исто блиску и до анусот, како резултат на тоа доаѓа до лесно преминување на бактериите од цревната флора каде што нормално се среќаваат, во гениталиите и во бешиката и предизвикуваат инфекција.
Оттука и произлегува начинот за вршење тоалета со бришење од напред кон назад.
Иако циститисот може да се јави од низа причини, меѓу кои и лошата хигиена, исто така може да се јави и како последица на сексуален однос. Понекогаш бешиката се иритира од сексуалната активност. Овие симптоми не се секогаш индикација за инфекција. Често се појавуваат бидејќи бешиката едноставно добива удари и модринки. Така, понекогаш циститисот кој се јавил како последица на секс може да вклучува и инфекција. Но сепак, едно од најважните нешта е хигиената.

Д-р Огнен Точко / Фото: Приватна архива

Превенција
Избегнување на циститис: Треба да се создаде навика за одржување на добро здравје на бешиката.
Она што можете да го направите е следното:
– Кога уринирате целосно испразнете ја бешиката. Уринирајте по сексуален однос. – Пиење многу течности, особено вода, за урината да биде понеконцентрирана и да има бледа боја.
– Пиењето помалку кафе, црн чај и газирани пијалоци, вклучувајќи и кисела вода, може да ви помогне во превенцијата на циститис бидејќи сите овие течности ја иритираат бешиката и предизвикуваат итно и често мокрење.
– Можете редовно да пиете чај од брусница. Експертите претпоставуваат дека пиењето чај од брусница некако ги спречува бактериите во лепење за ѕидовите на бешиката. Но се верува дека чајот од брусница повеќе делува како превенција отколку како метод за лекување, затоа што симптомите ќе се појават треба да се посети лекар.
– Често уринирајте. Ако почувствувате потреба за уринирање, не ја игнорирајте и веднаш посетете го тоалетот.
– Бришете се од напред наназад. По дефекација бришете се со тоалетната хартија од напред наназад, за да го спречите пренесувањето на бактерии.
– Избегнувајте го лежењето во када.
– Не употребувајте спрејови и други производи за интимна хигиена. Овие производи можат да го иритираат мочниот меур и слузокожата на мочните патишта.

Причини за појавата на цистит

Бактерии. Инфекциите на мочните патишта се појавуваат кога бактерија ќе достигне до мочните канали и ќе започне да се размножува. Циститот може да се појави и како резултат од сексуален однос, за време на кој бактерија може да навлезе во мочните канали. Во најголем дел од случаите циситот е предизвикан од бактеријата Ешерихија коли.
Микроорганизмите се поинфективни во асоцијација со други фактори како што се: застој на урина, конгестија на органите во мала карлица при бременост, менструација, студ, пролапс на матка, повреда, каменчиња, слаби хигиенски услови, интензивна физичка активност, некои облици на контрацепција (дијафрагма, спермициди на кондомите), чести полови односи со различни партнери, намалена влажност на вагината.
Други причинители кои можат да доведат до непријатниот цистит се:
Лекови. Одредени лекови (особено лекови кои се користат за хемотерапија) можат да предизвикаат воспаление на мочниот меур.
Употребата на катетер. Долготрајната употреба на катетер може да доведе до воспаление.
Поголема чувствителност на хемикалии. Некои луѓе се почувствителни кон хемикалиите, кои ги има во производите за интимна нега, па тоа може да се одрази како воспаление.
Друга болест. Циститот може да биде последица од друго заболување како лупус, туберкулоза, кронова болест.

Рано лекување

Ако симптомите на циститисот се третираат бргу откако ќе се појават веројатно ќе се поштедите од многу болка и проблеми. Постојат неколку лекови чија суштина е во тоа што се алкални и ја намалуваат киселоста во урината, а со тоа ја олеснуваат болката и непријатноста.
Доколку не се консултира лекар, можно е инфекцијата да прогресира од уринарниот систем во бубрезите предизвикувајќи посериозни проблеми. Посетете го вашиот матичен доктор и побарајте упат за испитување на урина.
Во зависност од резултатите докторот може да ви препише антибиотици. Бидејќи сите реагираат различно на антибиотиците доколку почувствувате несакани дејства известете го докторот.
Ако антибиотиците делуваат, за неколку дена ќе пациентот почнува да се чувствувате подобро.

СОВЕТИ
За да се намали дискомфортот од непријатните симптоми, можете да се следате следните совети:
– Топло перниче. Понекогаш ако поставите топло перниче на долниот дел од стомакот, тоа може да го намали притисокот на мочниот меур и болката.
– Многу течности. Пијте многу течности, но избегнувајте кафе, алкохол и газирани сокови кои содржат кофеин и сок од цитруси, додека не исчезнат симптомите.
– Внесувајте витамин Ц. Внесувајте храни кои го содржат овој витамин.
– Не консумирајте солена и зачинета храна. Додека се присутни симптомите на цистит, не треба да консумирате зачинета и солена храна.