Автор: Д-р Елена Брезовска
Цервикалниот синдром се однесува на збир на симптоми кои се манифестираат со болка во вратот и болка што зрачи кон рамото и раката, преден дел на граден кош, тилот, лопатките и грбот, а може да биде пропратено и со зуење во ушите, заматен вид, главоболка, вртоглавица, замор. Овие нарушувањата влијаат и на физичката и на психолошката функција и можат да имаат негативно влијание врз секојдневните животни активности во однос на ограничување на функционалната подвижност, со што се намалува квалитетот на животот.
Оваа состојба претставува чест проблем денес и е во голема мера поврзан со современиот начин на живот, поради долгото седење, неправилното држење на телото и зголемената употреба на мобилни телефони и компјутери.
Причини
Најчести причини за појава на цервикален болен синдром се:
- Дегенеративни промени на ‘рбетот (цервикална спондилоза)
- Хернија или оштетување на интервертебралните дискови во вратот
- Спазам на вратната и рамената мускулатура
- Повреди (трауми, сообраќајни несреќи)
- Долготрајно седење, неправилно држење на телото
- Остеопороза, воспалителни процеси и ретко – тумори
Симптоми
Најчестите симптоми се:
- Болка и вкочанетост во вратот, со ширење кон рамениот појас и рацете
- Трнење, слабост или отежната подвижност на вратот и рацете
- Главоболки, вртоглавица, напнатост во вратната регија
- Засилување на болката при одредени движења или по подолго седење
Дијагноза
Дијагнозата се поставува преку детална медицинска историја и физикален преглед. По потреба, се користат и дополнителни испитувања како рентген, магнетна резонанца (МР), компјутерска томографија (КТ) и електромиографија (ЕМГ).
Третман
- Медикаментозна терапија, Невропротективна терапија, суплементи кои помагаат во заштита на нервите, го забрзуваат процесот на регенерација на нервните патишта, ги ублажуваат симптомите на нервна болка– витамини Б1, Б6 и Б12 во комбинација со НСАИЛ (нестероидни антиинфламаторни лекови), кортикостероиди, седативи, миорелаксанти.
- Физикална терапија и вежби: Од физикалните процедури се користи електротерапија, сонотерапија, ласер терапија, магнетотерапија,
Вежби за истегнување и јакнење на вратната и рамената мускулатура.
- Хируршки третман: Се разгледува само доколку конзервативната терапија не дава резултат или постојат сериозни невролошки симптоми.
Домашни совети
- Избегнување на продолжено седење и статични позиции
- Чести паузи и промена на положбата
- Примена на топли или ладни облоги за намалување на болката и воспалението
- Вежби за истегнување и правилно држење на телото.