Автор: Д-р Симона Трајчева
Oколу 80% од возрасните страдаат од болки во долниот дел на грбот во одреден период од нивниот живот. Некои епизоди на болка се предизвикани со одреден настани како трауматска повреда. Долногрбната болка претставува блага до остра болка, или непријатност во долниот дел од грбот. Болката може да биде акутна или хронична доколку константно се чувствува во период од три месеци. Од оваа непријатна болка страдаат млади луѓе кои се занимаваат со тешка физичка работа како и луѓе во поодминати години.
Во поголемиот дел од случаите, невозможно е да се дефинира причината, а кај 25% од случаите причината е позната. Најчесто, овие болни страдаат од остеопороза, сколиоза, оштетување на скелетниот систем кое се должи на инфекции, тумори и слично. А понекогаш, болката има посуптилно потекло како на пример истегнување на лигамент или постепено трошење на ‘рскавицата околу зглобовите.
Симптоми
• Болка долж долниот дел од грбот која може да се почувствува и во задниот дел од телото, задниот дел од бутот или препоните. Болката вообичаено се зголемува со движење.
• Ограничувања во движењата на `рбетот – особено при флексија и екстензија-наведнување нанапред или наназад.
• Напнатост на мускулите кои го опкружуваат р`бетот и појава на вкочанетост на грбот.
• Болката е понекогаш проследена со скокотливо чувство или пасивност кај бутниот мускул и мускулите на задниот дел од телото.
Преглед на пацинет со долно грбна болка
При самото влегување на пацинетот во ординацијата се забележува неговото одење, евентуално завлекување на некоја нога, одење со бастун или со држење од страна на други лица. Причини за долногрбна болка можат да бидат различни, лумбаго или лумбоишијалгија, односно протрузија на дискус хернијата.
Инспекција: пациентот треба да е соблечен, да стои. На инспекција се гледа сколиоза, искривување или губење на лумбалната лордоза, паравертебралната мускулатура.
Палпација: пацинетот лежи со лицето кон креветот. Се палпира над `рбетот, паравертебралната мускулатура и интервертебралните простори.
Преглед на степенот на подвижност на `рбетот во сите правци и дали при тоа има болка (антерофлексија, ретрофлексија и латерофлексија на рбетот).
Laseque (знакот на Лазаревиќ) подигање на исправена нога, болка на степен на агол на можната флексија (пациентот лежи на грб).
Доколку се јави болка се вели дека Ласек е позитивен од онаа страна на која што се јавува болката.
Поставување дијагноза
Во најголемиот дел од случаите, докторите ја оформуваат дијагнозата од информациите кои ги дознаваат од своите пациенти, т.е анамнезата.
Ортопедите, обично го подвргнуваат пациентот на специјални испитувања и го надгледуваат движењето на зглобовите кај `рбетот, карлицата и колковите; изведуваат ортопедски и тестови за мускулите и испитуваат дали има некакво оштетување на нервите.
Генерално гледано, ретко кога треба да се направи рендген дијагностика, магнетна резонанса или крвна слика за да се дознаат причините за појава на болките.
Лекување
• Употреба на аналгетици. Специјални медикаменти за релаксација на мускулите исто така можат да бидат препишани. Нестареоидни лекови против воспаленија и мускулни релаксанти се повеќе од добредојдени во вакви ситуации и витамини како, Kомбинација од витамините Б1, Б6, Б12 кои се од големо значење за нормално функционирање на нервниот систем.
• Телесната активност е клучна. Останете активни, продолжете со Вашите физички активности иако чувствувате болка.
• Топлината помага, исто како и пливањето во базен со топла вода.
• Одмарајте почесто во текот на денот, ако има можност, тоа нека биде на цврста и рамна подлога.
• Избегнувајте скокање, наведнување, кревање товар и седење на ниски столчиња.