Фото: Приватна архива

Автор: Асс. Д-р Ивица Бојовски, кардиолог

 Белодробна емболија (БЕ) претставува згрутчување на крвта која го блокира и го запира протокот на крв во артерии во белите дробови. Во повеќето случаи, згрутчувањето на крвта, односно формирањето на тромб започнува во длабока вена на нозете и патува преку циркулацијата до белите дробови. Формирањето на тромб во една или повеќе од длабоките вени во телото, се манифестира со оток, црвенило и топлина на ногата и се нарекува длабока венска тромбоза (ДВТ).

Бидејќи може да бидат зафатени една или повеќе артерии кои ги васкуларизираат белите дробови, белодробната емболија може да биде животозагрозувачка. Навременото лекување во голема мера го намалува ризикот од смрт. Околу 33% од луѓето со белодробна емболија умираат пред да добијат дијагноза и третман. Превземањето мерки за спречување на згрутчување на крвта во длабоките вени на нозете и појавата на ДВТ, а и нејзиниот навремен третман помага да се превенира појава на белодробна емболија.

Кои симптоми се јавуваат при белодробна емболија?

Симптомите на белодробна емболија може многу да варираат, во зависност од тоа колку е зафатено белодробно крило, големината и локализацијата на тромбот и дали имате основна белодробна или срцева болест.

Вообичаени симптоми се:

  • Глад за воздух – овој симптом обично се појавува ненадејно, може да се јави и во мирување, а се влошува при физичка активност.
  • Болка во градите – болката е често остра и се чувствува кога длабоко вдишувате. Поради болката сте спречени да земете длабок здив.
  • Губиток на свест – може да се онесвестите ако ненадејно настане пад на сатурацијата со кислород и/или пад на крвниот притисок.
  • Кашлица – може да биде со крвав слуз или исплувок
  • Брзо или неправилно чукање на срцето
  • Вртоглавица
  • Прекумерно потење
  • Бледа пребоеност на кожата – цијаноза

Што предизвикува белодробна емболија?

Ризик фактори за појава на БЕ се:

  • подолги периоди на неактивност: при долги патувања, после оперативен зафат, при подолго принудно лежење во кревет поради болест
  • повреда на вена
  • повреда на мекоткивни структури или фрактура на коските на нозете
  • присуство на сите видови на тумори
  • при користење хормонска заместителна терапија
  • при користење на таблети за контрацепција
  • при бременост
  • генетски мутации и полиморфизми на гени одговорни во процесот на коагулација
  • Гојазност

Како се дијагностицира белодробна емболија?

Дијагнозата се поставува врз основа на:

  • анамнестичките податоци,
  • клиничката слика,
  • лабораториски анализи (вредност на Д-димер),
  • електрокардиограм (ЕКГ),
  • ехокардиографија,
  • доплер ултразвук на длабоките вени
  • рентген на бели добови
  • вентилационо/перфузионен скен (V/Q)
  • компјутерска томографија (ангиографија) на бели дробови

Третман на белодоробна емболија

Должината и начинот на третман, како и престојот во болница се разликуваат според тежината на клиничката слика, хемодинамската состојба и ризикот за смртен исход. Полесните форми на белодробна емболија може да бидат третирани и со таблетарна терапија во домашни услови, додека умерените и високоризичните пациенти се лекуваат во хоспитални услови. Третман од избор кај оваа состојба е антикоагулантна терапија. Во зависност од клиничката слика, хемодинамската стабилност и присутните коморбидитети, се одлучуваме со кој антикоагулант ќе го третираме пациентот. Доколку се работи за пациент кој е хемодинамски нестабилен, во шокова состојба, индициран е третман и со фибринолитичка терапија.

Како да превенирате појава на белодробна емболија?

  • Вежбајте редовно. При подолго седење (при летање со авион или возење со кола на подолги дестинации), правете вежби во колените и скочните зглобови, како и со прстите на нозете. Носете медицински, компресивни чорапи или хулахопки.
  • Намалете ја вашата телесна тежина, доколку сте надхранети или обезни
  • Пијте повеќе течности, но не алкохолни и кофеински напитоци.
  • Прекинете со пушење
  • Елевирајте ги вашите нозе 30 минути – два пати дневно
  • Не носете тесна облека
  • Користете антикоагулантна терапија превентивно(временски соодветно според состојбата) при: принуден одмор во кревет подолг од 4 дена, оперативни зафати, трауми, малигни состојби, користење на орални контрацептиви, претходен тромботичен настан и докажани генетски абнормалности.