Автор: Д-р Сузана Трајкоска, невролог, Здравствен дом – Скопје
Современиот стил на живот, со долго седење пред компјутер, долго седење во автомобил, физичка неактивност, како и лошо држење на телото и нагли движења се само дел од факторите кои доведуваат до механичко нарушување на структурата на ‘рбетот, и резултираат со болен синдром. Овие синдроми обединуваат збир на симптоми (болка, отрпнатост, слабост во вратот и рамената регија со пропагација кон раката, како последица на иритација или компресија на вратните корени, најчесто од Ц4-Ц7, пролапс на дискус, повреди…)
Неврофизиолошки, овој синдром претставува збир на симптоми кои се поврзани со иритација и компресија на нервните корени во меѓупршленските отвори и крвните садови во оваа регија. Промените можат да бидат :
• Акутни промени како резултат на трауми, сообраќајни незгоди, паѓања…
• Хронични промени : дегенеративни промени на меѓупршленските дискуси
Етиологија:
Цервикобрахијалниот синдром најчесто се јавува:
– кај лица со континуирана мануелна работа (работа на компјутер, манипулација со телефон или имаат професии каде има задржување на вратот во иста позиција).
– Физичка неактивност
– Прекумерна телесна тежина
– Климатски влијанија
– Генетски предиспозиции
– Возраст
Најчесто причинските фактори почнуваат рано – па промените се јавуваат уште од 30-тата година.
Цервикобрахијалниот синдром зависно од времетраењето на симптомите може да се класифицира како:
– Акутен (кога трае пократко од 12 недели)
– Хроничен (кога трае подолго од 12 недели)
Симптомите може да се класифицираат како :
– Специфични симптоми кои се разликуваат зависно од нивото од вратниот ‘рбет каде се наоѓаат промените па се манифестираат во регии инервирани од истите со болка и нарушен сензибилитет
– Неспецифични симптоми се : ограничени движења, спазам на мускултатурата, болна осетливост на допир и др.
Клинички болката ирадира долж рацете еднострано или обострано .
Болката се појачува со активност,а се смирува со одмор. Болката често се потенцира ноќе и го ремети сонот. Може да биде пропратена со болки и вртоглавици. Често има трнење во предел на прстите.