Автор: Д-р Алсада Весели Абази, интернист во ОБ „Ферид Мурат“, Гостивар
Анемија или слабокрвност се дефинира како намалување на вкупната маса на еритроцити во крвта пропратено со намалување на концентрацијата на хемоглобинот под долната граница. Општо е прифатен критериумот на СЗО според која дијагноза анемија се поставува кога вредноста на хемоглобинот ке падне под 130 г/л за возрасни мажи и под 120 г/л за жени. Референтните вредности се разликуваат во однос на пол, возраст, раса илинекои физиолошки состојби како бременост.
Ова е многу честа дијагноза која се проценува дека повеќе од една третина на светската популација има некој облик на анемија, а најмногу се погодени земјите во развој како што е и нашата.
Анемијата никогаш не претставува нормална состојба на организмот, така што секогаш треба да се испита причината за нејзиното настанување. Етиологијата односно причината за нејзиното настанување може да биде и од повеќе причини, па затоа откривањето на причината и лекувањето може да биде работа на лекари од повеке специјалности, матични лекари, гинеколози, гастроентерохепатолози, интернисти, хематолозинефролози, реуматолози итн.
Симптомите на анемијата зависат од брзината на настанување на анемијата и од изразеноста на анемијата. Знаеме дека хемоглобинот кој се наоѓа во еритроцитите за себе го врзува кислородот и неговата улога е да го пренесува до сите ткива и органи во телото како и пренос на јаглероден диоксид од ткивата до белите дробови. Симптомите според тоа можат да бидат физички замор, омалаксаност, вртоглавица, заматен вид, несвестица, зуење во ушите, диспнеа (глад за воздух). На преглед се забележува бледа или жолтеникава кожа, бледа слузокожа, тахикардија, а кај изразена анемија може да се слушне и систолен шум. Ако е подолготрајна анемија може да дојде до деформирање на плочата од ноктите или да настане атрофично воспаление на јазикот.
Настанувањето на анемијата може да биде поради на,малена продукција на еритроцити , разградба на еритроцити или крварење.
Типови на анемија
Првиот чекор при дијагноза е да се види среден клеточен волумен (MCV) чии референтни вредности се од 80-100.
Низок MCV (микроцитна) или феридефицитна анемија (сидеропенична или железо дефицитна анемија) – Оваа анемија е 50% од сите анемии и причините за нејзино настанување може да бидат недоволен внес со исхрана (разни диети, вегетеријанска исхрана), намалена апсорпција во цревата (разни воспалителни болести, Улцерозен колит, Кронова болест…), зголемени потреби за железо или губиток на крв ( најчесто од гастроинтестинален тракт, или кај жени во фертилен период поради обилни менструации), кај деца за време на растење или кај бремени жени.
Нормоцитна анемија со MCV во референтни вредности: Најчесто се јавува кај хронични заболувања како различни автоимуни заболувања, инфекции, малигни заболувања, хронична бубрежна болест (поради недостиг на еритропоетин кој се создава во бубрегот).
Мегалобластна анемија со MCV поголемо од 100 фл. , опфаќа хетерогена група на анемија која карактеризира присуство на големи прекурсори на црвени крвни клетки во коскена срцевина т.н. мегалобласти. Оваа анемија настанува поради дефицит на витамин Б12 и фолна киселина. Ова може да се појави поради намален внес поради алкохолизам или неухранетост, вегетеријанска исхрана или зголемена побарувачка поради бременост или малапсорција (Кронова болест, ресекција на црева и други), атрофија на желудник, ресекција на желудник итн.
Кај дефицит на витамин Б12 може да се осетат и невролошки симптоми како парестезии, пореметување на рамнотежа.
И како посебен ентитет треба да се напомене анемијата во бременост при која се зголемува продукцијата на еритроцитии се зголемува масата на црвените крвни клетки, но поради зголемување на количината на крвна плазма настанува хемодилуција и нормални вредности на хемоглобин во бременост е до 100г/л.
Хемолитички анемии не спагаат во горната класификација бидејки настануваат поради прерано изумирање на еритроцитите, како на пример кај таласемијата
Лечењето треба да се насочено според начинот на настанување на анемијата и причината за настанувањето.
И како заклучок сакам да напоменам дека вредноста на серумско железо не е дијагноза на анемија, туку анемијата се дијагностицира според вредноста на хемоглобинот.