Автор: Д- р Зорица Дафков, специјалист по семејна медицина
Анемија претставува опаѓање на вредностите на хемоглобин, хематокрит или еритроцити или сите три параметри заедно. Анемиите претставуваат една од најчестите патолошки состојби кај луѓето, а се сретнува почесто во земјите во развој, а не е ретка ни во развиените земји. Честа е кај деца до 5 години, бремени жени, жени во репродуктивен период, посебно кај мултипари, и во двата пола по шеесетата годишна возраст.
Анемијата не е заболување сама за себе, туку одраз или последица на друго заболување.
Анемиите се класифицираат на – микроцитна или хипохромна (каде што концентрацијата на MCV е <80fi, MCH e <27pg), макроцитна или хиперхромна (каде што концентрацијата на MCV e >95fi) и нормоцитна или нормохромна (каде што концентрацијата на MCV e 80-95fi, MCH >26pg), а оваа класификација е спрема етиолошките фактори и патоизиолошките механизми кои довеле до појава на анемија. Од микроцитните анемии ќе споменам – железо дефицитна анемија, таласемија, анемии кај хронични болести, од макроцитните анемии – мегалобласна анемија, анемија кај алкохолизам, и од нормоцитните анемии – хемолитичните анемии и постхеморагични анемии.
Најчест тип на анемија е анемијата поради недостаток на железо и е хипохромна анемија.
Добрата анамнеза, со широк дијапазон на прашања може да не насоче кон конкретната дијагноза за типот на анемијата или до основното заболување кое ја предизвикало анемијата.
Симптомите доминираат – чувство на изнемоштеност, слабост, трнење пред очите, бледилост на склери, парестезии, тахикардија, главоболка, појава на кршливи нокти, промени на јазикот – поосетлив кон храна, мазен без папили, рагади на аглите на усните, обилни менструации итн.
По добиената дијагноза за анемија поради недостаток на железо, веднаш започнуваме со супституција со железен препарат месеци пер ос, а доколку не е можно давање преку уста, лекот се аплицира венски или мускулно, но при строго дефинирани индикации затоа што ваквата апликација дава хиперсензитивни па дури и анфилактички реакции, па доколку е можно да се одбегнува. Препаратите со органско железо имаат подобра биорасположливост. Важно е континуитет на примање на терапијата и продолжување на терапијата уште најмалку три месеци по корекција на анемијата.