Фото: Пекселс

Автор: Д-р Ивана Стојческа Димеска

Алергијата претставува несоодветна имунолошка реакција на имуниот систем односно имуна реакција на егзогени супстанции (антигени и алергени) уште позната и како реакција на хиперсензитивност.
Реакциите на хиперсензитивност се класифицираат на четири типови: Тип 1 – непосредни реакции на алергии на храна, полен, астма, анафилакса.
Тип 2 – цитотоксични кои вклучуваат антитела кои се специфични за одредени ткива и предизвикуваат уништување на клетките во овие ткива(пр.автоимуна хемолитичка анемија).
Тип 3 – се посредува со имуни комплекси, со оштетување на ткивата предизвикани од таложење на комплексот антиген-антитело пример што се јавува кај гломерулонефрити и васкулити .
Тип 4 – се одложени процеси и се единствената реакција која вклучува сензибилизирани Т-лимфоцити (контактен дерматитис).

Реакциите за хиперсензитивност од тип 1 се условено зависни од ИгЕ-антителатa и сензибилизираните мастоцити. ИгЕ-антителата се
формираат како резултат на претходна сензибилизација (т.е. претходен контакт со антигенот и се врзуваат за специфичните рецептори на мастоцитите. Повторната средба со антигенот ќе резултира со ИгЕ-посредувана реакција од претходно сензибилираните ИгЕ-антитела. Слободниот антиген се врзува за две соседни IgE антитела (вкрстено поврзување) коешто доведува до дегранулација на мастоцитите.

Потоа имаме ослободување на хистамин и други медијатори (на пр. простагландини, фактор на активирање на тромбоцитите, леукотриени, хепарин, триптаза) ќe доведе до зголемена контракција на мазните мускули, периферна вазодилатација, зголемена васкуларна пропустливост, а како резултат на тоа ќе следува екстравазација на капиларна крв – еритем и едем, односно течноста се префрла во интерстицијалниот простор. Простагландините и леукотриените се моќни бронхоспастични агенси кои можат да предизвикаат привремена
респираторна инсуфициенција при анафилакса. Производството на цитокините како што се TNF-α, IL-1, IL-3 и IL-5, резултира во постојан воспалителен одговор, додека IL-4 го олеснува производството на IgE од страна на Б-клетките.

Непосредната алергиска реакција се манифестира во рок од неколку минути од контактот со антигенот,додека пак реакцијата на доцната фаза се јавува неколку часа по непосредна реакција во траење од 24 до 72 часа.

Клинички манифестации на овој тип на алергиска реакција се: уртикарија, анафилактичен шок, ангиоедем, алергиски ринитис, алергиска астма, бронхоспазам, абдоминални болки.

Во мојата пракса имав многу случаеви со уртикарија чија што причина беа алергени на храна, бактериска инфекција со Хеликобактер пилори, убоди од инсекти и алергија на лекови. Исто така и еден случај на ангиоедем (Циркумскриптен едем на длабокиот дермис и/или поткожните ткива. Предилекциони места за негово појавување претставуваат лицето, очните капаци, усните, ларинксот и фаринксот. Едемот е обично локализиран на поткожните ткива поради зголемена васкуларна пропустливост и екстравазација на интраваскуларната течност)чија што причина беше алергија на храна.

Клинички уртикаријата се манифестира со јадеж, црвенило, едематозни плаки по горниот дерм.

Терапија од прв избор за третирање на уртикарија се лековите антихистаминици (Tbl Levocetirizine) , кортикостероидна крема ,совет за хигиенодиететски режим и симптоматска терапија за примарното заболување што предизвикало пропратно појава на уртикарија .