Фото: Пиксабеј

Д-р Илкоска Дијана

Според дефиниција алергискиот конјуктивитис претставува акутно или хронично интерклеточно воспаление на самата конјуктива на окото кое се манифестира со солзење, црвенило, оток и изразено чешање. Алергиското воспаление на конјуктивата и на корнеата заедно, со едно име се дефинира како алергиски кератоконјуктивитис. Алергиските болести се сместени во групата на болести на модерното време, при што една четвртина од вкупната светска популација е алергична на одредена супстанција и поради тоа страда од некаква алергиска реакција.

Како настанува алергијата и кои се нејзините најчести причинители?
Имуниот систем има задача да го штити нашиот организам од болести на таков начин што ги уништува штетните микроорганизми кои имаат тенденција да навлезат во организмот. Меѓутоа, во одредени случаеви кога имуниот систем е пречуствителен и неадекватно реагира на одредени супстаниции се појавуваат алергиите. Како најчести супстанции односно алергени кои доведуваат до алергиска воспалителна реакција се поленот, прашината, животинските влакна, храна и лекови. Алергијата на очите, исто така, може да биде предизвикана од одредени козметички производи или капки за очи,како што се и вештачките солзи за суви очи кои содржат конзерванси. Алергијата на одредена храна, убод од пчела или други инсекти не предизвикуваат толку интензивна реакција на очите, што тоа не е случај кај алергиите на полен, мувла или крлежи.

Видови на алергиски конјуктивитис
Постојат неколку подтипови на алергиски конјуктивити и тоа:
-Сезонски алергиски конјуктивитис на кој отпаѓа околу 80% од сите случаи на алергиски конјуктивитис. Обично се појавува зачестено на пролет, на крај на лето па дури и во есен. Сезонскиот алергиски конјуктивитис се смирува во зимскиот период. Како најчести причинители на овој тип на алергиски конјуктивитис се споменуваат поленот од липа, амброзија, бреза и коприва.
-Целогодишен алергиски конјуктивитис се одликува со тоа што зафаќа околу 10% од сите случаи на алергиски конјуктивитис. Како најчести симптоми се споменуваат кивање и кашлица. Најчестите алергени се одредени видови на храна,влакна од домашни миленичиња,лекови или козметика.
-Атопичен алергиски конјуктивитис и вернален алергиски кератоконјуктивитис се јавува со посебен афинитет кај момчиња на возраст од 5 до 15 години. Има три форми: палпебрална, лимбална и мешана форма. Верналниот кератоконјуктивитис претставува хронично, билатерлано воспаление на очите, кое најчесто се појавува кај деца и младинци, посебно кај машките и е најтешката форма.
– Гигантоцелуларен алергиски конјуктивитис се јавува најчесто кај пациенти кои користат контактни леќи и очни протези.

Симптоми на алергиски конјуктивитис
Клиничките манифестации на алергискиот конјуктивитис не се разликуваат многу од оние симптоми кај конјуктивитис од не-алергиско потекло. Најчестите симптоми на алергискиот конјуктивитис се: оток на очните капаци, црвенило и оток на коњуктивата, изразено чешање и засилено солзење, со или без присуство на симптоми од страна на носот-кивање, секрет од носот и оток на носна слузница. Главната разлика помеѓу сезонскиот алергиски конјуктивитис и целогодишниот алергиски конјуктивитис е времето на појава. Симптомите на сезонскиот алергиски конјуктивитис се јавуваат во дефинирано време,односно во периодот кога има најголемо присуство на поленски алергени.

Превенција и третман на алергиски конјуктивитис
Кај сите типови на алергиски конјуктивитисмосновна препорака е избегнување на контакт со алергенот. Доколку главниот причинител е поленот, се препорачува намален простор на отворени простори во природа, почесто миење на лицето и очите. За алергиите од прашина се препорачува зголемена хигиена во домот, почесто проветрување, отстранување на теписите и завесите. Како прв избор на терапија се локални антихистаминици во форма на капки, кортикостероиди како стабилизатори на мастоцитите. Како дополнителна терапија а воедно и превенција се даваат и вештачки солзи кои имаат за цел да ги измиваат и разблажуваат алергените од очите, ладни облоги за да се намалува отокот, промена на растворот за чување на контактните леќи итн.