За да се улови крап, рибарот треба да осознае многу работи поврзани со него, за да не испадне на крајот дека со денови залудно го потрошил времето во негово демнење
Факт е дека крапскиот риболов е во голем подем и дека многу рибари се всушност заразени со негово ловење, иако тој нема некои посебни особини што би го одвоиле од сите други видови риби. Се наметнува прашањето зошто е тоа така. Постојат многу причини зошто крапскиот риболов станува сѐ поатрактивен, но генерално се сведува на неколку главни.
Така, крапот има тенденција да биде најголема риба во реките и во езерата, односно по сомот во Европа и пошироко. А она што е најголемо, често е и најатрактивно за ловење. Многумина рибари се експерти за бојник, попадика, плашка и други риби, но крапот не тежи само 2-3 килограми, туку тој може да достигне тежина и до 30 кг и затоа е специфичен.
Понатаму, откако ќе биде закачен на јадицата, тој е еден од најсилните риби-борци, кој мошне силно се спротивставува на обидот да биде сместен во рибарската мрежа. Крапот е и исклучително итра риба. Со текот на времето тој станува особено внимателен. Ова особено се однесува при земањето на храната и местата каде што го прави тоа. Значи, крапот е умна риба, што претставува една од главните причини тој да стане предизвик за многу вљубеници во риболовот.
За да се улови крап, рибарот треба да осознае многу работи поврзани со него, за да не испадне на крајот дека со денови залудно го потрошил времето во негово демнење и, сепак, на крајот тој да не биде виден закачен на јадицата.
Крапскиот риболов има и силна социјална страна, оти при неговото ловење може да се престојува повеќе денови покрај реките и езерата, што од друга страна, пак, е причина за склучување разни пријателства и дружење.