На секој ловџија ова куче му служи и како личен чувар во ловот со извонредни ловечки способности, кое знае многу да „работи“ по ридовите, во шумите, мочуриштата, притоа одолевајќи им на сите временски услови
Германскиот птичар е ловџиско куче што потекнува од шпански птичар, кој, пак, Фламанците го довеле во Германија во 17 век. Со подоцнежно вкрстување со италијански птичар со англиски поинтер, тоа станало побрзо и поенергично. Модерниот кратковлакнест птичар веднаш се раширил по цела Европа. Тој денес се одликува со енергичност и интелигентност и е мошне послушен и верен при ловот.
На секој ловџија ова куче му служи за стоење пред дивечот, но и како личен чувар во ловот со извонредни ловечки способности, кое знае многу да „работи“ по ридовите, во шумите, мочуриштата, притоа одолевајќи им на сите временски услови.
Малку е груб што се однесува до неговиот изглед, па и ако е со извонредно пријатен темперамент, сепак, тој ретко се чува во стан. Но затоа лесно се приспособува на секоја ситуација, само под услов ако му се овозможи доволно движење на отворено во време на ловостојот.
Кучето дејствува благородно и хармонично, високо е 60-65 см, додека женките се малку пониски. Нозете на повисоките примероци се подолги, па таквото куче не е доволно подвижно и не е препорачливо за лов.
Главата на кратковлакнестиот птичар е тенка, добро оцртана, черепот широк но сплоснат, очите му се кафени, а муцката истакната, со јаки заби. Градниот кош му е повеќе длабок отколку широк, а ребрата убаво заоблени. Влакното му е кратко и густо, а тврдо на допир. Неговата боја најчесто е кафена, со ситни бели точки на градите и на нозете, но и жолтата боја не се смета за грешка.
Што се однесува до здравствениот билтен, германскиот птичар е претежно здраво куче, иако има примероци што се склони кон епилепсија, торзија на желудникот и извртување на очните капаци. Неговата животна доба е 12-15 години.