Во последниве години овој вид птици бележи пораст во размножувањето во САД и во Европа, благодарение и на птичарите аматери
Потполошката е позната птица во светот со голем број географски ограничени подвидови и е во рамките на семејството фазани. Најмалата е од родот кокошки. Ја има и во Македонија, најчесто во низинскиот дел на Пелагонија и во Долненско. Најчести живеалишта ѝ се житните полиња и рамничарските делови заедно со ливадите. Нивната популација варира од 35 до 300 милиони. По малку се и загрозени поради тоа што се цел на ловџиите.
Сезоната на лов на потполошките трае од почетокот на август до крајот на декември. Тие најмногу се ловат на подрачјето на Медитеранот. Во текот на нејзиниот лов, ловџијата, кој често користи и куче, мора да слуша внимателно, со широко отворен, концентриран поглед и да дише длабоко.
Потполошката е мала заоблена птица долга 17 см и тешка 95-150 грама. Има кафени ленти по телото и бела надочна линија, а кај мажјаците црна брада. Како што ѝ прилега на птицата преселница, потполошката има долги крила, чиј распон е 32-35 см, за разлика од типично краткокрилните ловни птици.
Се храни се семки и инсекти на земјата, животниот век ѝ е околу 10 години. Таа е птица преселница, па затоа често страда при таа селидба, кон Африка, каде што ги поминува зимите. Природни непријатели ѝ се дивите животни и птиците грабливки. Оваа птица тешко се забележува оти повеќе оди и се крие во околното зеленило отколку што лета. Дури и кога е избркана, потполошката се држи ниско и брзо потоа се враќа во близина на истото место каде што се крие. Честопати единствениот показател за нејзиното присуство е специфичната песна на мажјакот. Нејзиниот крик се слуша на оддалеченост од околу 500 метри, а крикот го испушта наутро, навечер и понекогаш ноќе.
Гнездото на потполошката се наоѓа под грмушките и е заштитено од грабливците. Нејзините млади се со мајката околу три недели, а потоа се осамостојуваат и знаат да летаат. Потполошките се мошне внимателни кон своите малечки, а некогаш ги прифаќаат и туѓите пилиња што останале без мајка.
Многу луѓе ги чуваат потполошките како домашни миленичиња, бидејќи се лесни за одржување. Во последниве години овој вид птици бележи пораст во размножувањето во САД и во Европа, меѓутоа благодарение и на птичарите аматери. Во староегипетските хиероглифи постои и симбол за потполошката.