Маркерот е направа со која рибарот може да ја мери водната длабочина, да ја означи средината каде што ја храни рибата, да го користи како ориентир за понатамошно мерење и слично
Подводната конфигурација е најбитниот дел во текот на изборот за риболовење. Познавањето на релјефот на кој рибарот лови е исклучително значаен дел, ако се сака успешен риболов. Маркирањето на теренот е всушност збир на сите техники кои можат да се изведат со оваа направа при риболовот. Современите и искусни рибари не можат да го замислат почетокот на дневниот риболов без детално „чешлање“ на теренот, што всушност претставува и основа за успешен риболов.
Маркерот е направа со која рибарот може да ја мери водната длабочина, да ја означи средината каде што ја храни рибата, да го користи како ориентир за понатамошно мерење и слично.
Длабочината на водата може да се измери на повеќе начини, но најзастапени се следниве.
Најлесен метод на мерење е кога рибарот е во чамец, на душек итн. Мерачот за оваа цел е евтин и рибарот може сам да си го направи.
Доволно е да земе неколку метри појак рибарски конец, на кој, со помош на фломастер како маркер, се означуваат цртички на секои половина и еден метар, а исто така може на таа оддалеченост да се врзуваат и јазли. На крајот на системот рибарот врзува олово (100-200 грама) или некој потежок предмет, како што се на пример каменот, циглата и сл. Со спуштањето на тешкиот предмет на дното во водата и броењето на јазлите, рибарот многу лесно може да дојде до посакуваната информација за длабочината на водата каде што сака да риболови.
Доколку на одредена водна површина е забранета употребата на пловни објекти, како што се гумата, чамецот, душекот…, тогаш рибарот треба да пристапи кон т.н. сува варијанта на мерење на длабочината.
Прв и наједноставен систем е подвижната тапа, која е ефикасна за мерење на длабочини до три метри, а сѐ преостанато над оваа длабочина е дискутабилно.
За овој систем на рибарот му се потребни стап, ролна, конец, стопер, тапа и олово. На конецот се навлекува стоперот, а потоа и подвижната тапа и на крајот се врзува оловото. Потоа се одредува местото и се фрла системот, а се мери на тој начин што со поместување на стоперот се зголемува длабочината. Кога тапата ќе се исправи над водата, рибарот има точна информација за длабочината на водата, во која ќе се увери дури откако ќе го извлече системот од водата. Со малку поупорно вежбање сето ова за рибарот станува обична рутина, а резултатите многу попозитивни.
Мушичка во боја по избор при лов на дивеч
Она што самите ловџии можат да го направат во својот дом е оригиналната мушичка да не ја вадат од пушката, а со самото тоа и да не се изложуваат на ризик, истата да не ја оштетат
Во голем процент кога ловџијата ќе го воочи дивечот и кога нишанската ознака – мушичката ќе ја донесе на нишанската точка, односно на местото на целта, временскиот дел е толку краток што и самата боја на мушичката може да му помогне на ловџијата да го намали делот од секундата и со тоа да оствари целосен погодок при ловот.
Оригиналните мушички обично се малечки, црни по боја и така одат заедно со оружјето. Ловџиите за да си олеснат купуваат различни мали цевки, мушички во боја и цели нишани, но само да се во силна флуороцентна боја за да го привлечат вниманието на окото.
Она што самите ловџии можат да го направат во својот дом е оригиналната мушичка да не ја вадат од пушката, а со самото тоа и да не се изложуваат на ризик, односно истата да не ја оштетуваат, туку само со лак за нокти (кој го користат жените) во силна боја (црвена, портокалова, зелена, жолта), со врвот на четкичката да стават една капка на мушичката и да причекаат самиот лак да се разлее и исуши.
Со ова ловџијата не може да направи никакво оштетување, а ако ова не му се допадне може нанесениот лак со помош на ацетон да се отстрани или, пак, да се нанесе друга боја и така редовно да бои мушички во различни бои. Оваа инвестиција не е скапа, но е корисна, оти мушичката е мошне значајна ако ловџијата сака богат улов на дивеч.