Во случај на појавување змија, ловџијата прво треба да се обиде да ја заобиколи ако е можно или, пак, безбедно да ја заплаши со тапкање на ногата од тлото и да пушти самата да си замине

Со доаѓањето на топлите пролетни денови змиите почнуваат да излегуваат од своите зимски скривалишта во потрага по храна. Притоа нивната активност најмногу ќе зависи од околната температура, па во текот на деновите што следуваат, може да се забележи како се сончаат на отворени површини, изложени на сонцето. Иако змиите претежно живеат одвоено, сепак, во одредени случаи тие се групираат и така заеднички ја разменуваат топлината во која уживаат. Убавото и топло време е причина за подолг и почест престој на ловџиите во лов, но и на другите луѓе што сакаат да престојуваат во природата. Со самиот престој, пак, се зголемува и можноста за средба со овие влечуги.

Главна препорака кога постојат реални можности за средба со нив е носењето соодветна облека и обувки (долги панталони, чизми, длабоки чевли). Треба да се води сметка и каде се стапнува, како и тоа да не се допираат со раце непрегледните места, а особено оние со густа и висока трева. Во случај на појавување на змија, ловџијата прво треба да се обиде да ја заобиколи ако е можно или, пак, безбедно да ја заплаши со тапкање на ногата од тлото и да пушти самата да си замине. Змиите немаат надворешен орган за слух, туку преку коските од долната вилица одлично ги чувствуваат вибрациите, па затоа не го слушаат звукот што се пренесува преку воздухот, туку реагираат на вибрациите од тлото, па токму затоа секое удирање со нога или со стап од тлото ги плаши.

Ако се случи ловџијата да биде каснат од змија, тој прво треба да се смири колку што е можно побрзо, потоа да се тргнат или искинат од местото на телото каде што е каснат накитот и деловите од облеката, а раната треба да се пушти слободно да крвави, без засекувањето на гризнатото место. По можност раната би било добро да се измие, исчисти и да се изврши имобилизација со помош на завој и некој цврст предмет. Змиите најчесто касаат по рацете и нозете, но се случува да ги нападнат и вратот или главата, што е многу поопасно и тогаш во најкраток можен рок треба повредениот да се транспортира до потребниот лекар. Најраспространети змии кај нас се поскокот, шарката, ѕвечарката, белоушката, рибарката, а тука е и смокот како вид влечуга. Но змиите треба да се респектираат затоа што се дел од природното богатство и се значајни за зачувување на потребниот екосистем. Имаат исклучителна улога и во контролата на глодачите и инсектите, со што влијаат на намалувањето на ризикот од пренесување разни заразни болести.


Не го напаѓа човекот ако тој не ја нападне

Во случај на змиско каснување, таа не треба да се фаќа и да се убива, оти во тој случај би можела уште некого да повреди, а патем се губи и драгоцено време, кое е потребно повредениот да се транспортира во најблиската амбуланта. Многу е битно да се знае фактот дека змијата нема намера да го нападне човекот сѐ до моментот кога ќе почувствува дека е загрозена.