Таа се среќава на сите ловишта за ситен дивеч, а најмногу во средишниот и долниот тек на Вардар, како и во кумановскиот, светиниколскиот и во пелагонискиот ловен реон
Еребицата е птица од фамилијата кокошки. Спаѓа во групата пердувест ловен дивеч и опфаќа неколку подвида. Во Македонија живее средноевропската полска еребица, но може да се сретне и еребицата камењарка, која ја има во Мариово. Кога станува збор за ловот, полската се среќава на сите ловишта за ситен дивеч, а најмногу во средишниот и долниот тек на Вардар, како и во кумановскиот, светиниколскиот и во пелагонискиот ловен реон. Може да достигне големина до 30 см и распон на крилјата до 50 см. Живеат во двојки околу три години. Женката положува до 18 сиво-зелени јајца во претходно направено гнездо и лежи на нив 24 дена, додека мажјакот чува стража.
Населува подрачја со умерена клима, а ретко може да се најде и на повисоки места. Се одликува со пепелава боја, со потемни и посветли дамки и пруги. Покрај грабливците, голема опасност за нив претставуваат и хемиските средства што се употребуваат во земјоделството против плевели. Полските еребици имаат добро развиено сетило за слух и за вид.
Еребицата камењарка, пак, може да се сретне на Алпите, во Јужна и во Средна Италија и на некои делови на Балканот, а во Македонија најчесто во Мариово. Таа обично престојува во предели каде што има слаба вегетација.
Нејзината големина достигнува до 36 см, а опсегот на крилјата може да ѝ достигне до 60 см. Како и полската еребица, се одликува со изразито пепелава боја, а во долниот дел од телото преовладува белата боја со црни шари. Живее во мали јата и се храни со семки, инсекти, полжави, капини.
Животниот век на камењарката може да трае и до осум години, на кој често влијаат непријателите, како што се лисиците, куните, творовите, птиците грабливки… Сезоната на парење се одвива напролет. Женката снесува од 10 до 15 бели јајца со црвени дамки, на кои лежи од 24 до 26 дена.
Еребиците може да имаат голема смртност во зимскиот период, особено ако снежниот покривач е висок, а неговата површина е замрзната. Тогаш тие тешко доаѓаат до храна, па е потребно да им се помогне за да преживеат. А тоа може да се стори со фрлање пченица, просо, јачмен, сено и сечкана слама.