Лисицата има многу развиено сетило за слух и мирис, видот ѝ е малку послаб, па затоа и потешко ги распознава недвижните цели, а ловџиите мора добро да ги земат предвид овие факти ако сакаат да имаат успешен лов
Ловот на лисицата поради нејзината интелигенција, внимателност и итрина бара од ловџијата стрпливост, издржливост, концентрација и вештина, а секој од можните начини на лов се базира на надмудрување со неа. Лисицата има многу развиено сетило за слух и за мирис, а видот ѝ е малку послаб, па затоа и потешко ги распознава недвижните цели, а ловџиите мора добро да ги земат предвид овие факти ако сакаат да имаат успешен лов. Постојат следниве начини на лов на лисица: со прикрадување, на спиење, со мамење, со чекање, со кучиња и лов со бркање.
Ловот со прикрадување е најуспешен по снег и на отворен рамничарски терен испресечен со насипи, а најдобро време е рано наутро. Ловџијата мора да се движи полека и внимателно, да биде маскиран и да се движи со ветерот в лице. Во случај на бришан простор мора да процени по која маршрута лисицата ќе преминува од едно поле на друго, па, така, во адекватно време треба да поставува заседа.
Кај ловот на спиење битно е ловџијата да ја забележи лисицата оддалеку, поточно да го уочи местото каде што таа спие. А, бидејќи таа во зима ретко го користи своето дувло за спиење, тогаш треба да се внимава на скривалиштата свртени кон сонцето.
Ловџијата треба на заспаната лисица да ѝ се приближува многу внимателно и задолжително во правец на ветрот. Прикрадувањето може понекогаш да трае и повеќе од два часа. На отворените терени ловџијата како параван може да користи сноп од раширени шумски гранки и двоглед како многу битен тактички детаљ.
Испуштање звуци што на лисицата ѝ дејствуваат примамливо е основата на ловот со мамење. На гласовите, како што се глувчешко цивкање, шушкање на зајак или ранета птица, лисицата секогаш реагира. Во лов треба да се оди при стемнување, токму кога и лисицата тргнува по храна. Ловџијата треба да се смести во одредено скривалиште на работ од шумата и да се сврти спроти струењето на ветрот. По петнаесетина минути чекање, почнува со мамењето. Ако не се појави лисицата, мамењето се повторува по 10-15 минути и така се продолжува во тие интервали, сѐ додека не се појави лисицата.
Ловот со чекање се практикува на познати премини што ги користи лисицата покрај нејзиното живеалиште. Кај овој лов, покрај местото, кое е избрано со чека, се користи и друго место, кое се нарекува стрниште, односно место на кое намерно подолго време се оставаат остатоци од месо или риба, што ќе ја привлечат лисицата токму тука да го пронајде својот извор на храна.
Во ловот со помош на кучиња се користат кучињата загари, како нивни помошници се јавуваат кучињата јазовичари, а како добри при овој вид лов се покажале и териерите. Кога ловџијата ќе пронајде еден од влезовите во дувлото, ќе почне да ја пребарува блиската околина за да ги најде и другите влезови. Притоа влезовите се маркираат и се поставуваат ловџии до нив, а потоа се пушта само по едно куче. Кучето ќе влезе во дувлото и доколку лисицата е внатре, тоа ќе залае. Во тој момент лисицата може да тргне кон еден од излезите, при што ловџиите мора подготвено да ја дочекаат или таа ќе влезе во борба со ловџиското куче. Правило е при ваков лов да не се пуштаат две кучиња заедно, бидејќи ќе си пречат меѓу себе.
Ловот со гонење се практикува без користење кучиња. Прво треба да се одреди просторот каде што ќе се лови, а според правецот на ветерот, ловџиите треба да се распоредат во широк лак. Во договореното време и без никаков официјален сигнал, учесниците во гонењето тргнуваат во рамномерна линија, гледајќи се еден со друг, притоа удирајќи со стапови по гранките. Во таква ситуација ловџиите ќе имаат подобри услови да гледаат за какoв дивeч се работи и соодветно да реагираат. Поради сигурност на ловџиите, пукањето доаѓа предвид дури кога лисицата ќе ја помине линијата на т.н. чека. Ловџиите со чека не смеат самоволно да ја менуваат позицијата.
Рибарскиот конец и неговото уништување
Тенките рибарски конци се користат за риболов на поситни риби и обратно, а секоја сезона треба да се менува конецот на рибарските машинки, оти во принцип секој нов конец е добар конец за риболов
Рибарските конци се разликуваат по својата издржливост, еластичност, отпорност, постојаност на бојата, издржливост на јазолот, но и според должината на нивната трајност, што е значајно. Многу е тешко да се препорача одредена марка на рибарски конец, оти постојано се појавуваат нови светски марки. Сепак, постојат некои основни правила кон кои треба да се придржуваат риболовците.
Основно што треба да се знае е дека тенките рибарски конци се користат за риболов на поситни риби и обратно и дека редовно, секоја сезона, треба да се менува конецот на рибарските машинки, оти во принцип секој нов конец е добар конец за риболов. Притоа е потребно и да се најде продавач или продавница што има добар промет, бидејќи во спротивно може да се случи риболовците да купат конец што веќе неколку години стоел по магацините.
Има риболовци што својот конец од трската или од машинката го менуваат на секои 5-6 излегувања на вода. Ним не им се случило да им се скине конецот што го имаат.
Мономастер
Она што мора да се знае е фактот дека рибарските конци по нивното искористување не треба да се фрлаат во природата. Направата што треба да ја има секој риболовец не зазема многу место (може да се закачи на ловечката облека) и треба секогаш да биде при рака, а се вика мономастер.
Нејзината намена е со едноставно намотување да се зачува стариот конец, кој не смее да се остави во природата, оти може некое животно или птица да дојде до него, да се сплетка и со тоа да си го загрози животот. Подоцна искористениот рибарски конец од мономастерот се уништува, така што ќе се запали или ќе се фрли во канта за отпад. Времето на распаѓање на рибарскиот конец е околу 600 години.
Токму затоа кога во природата ќе се најде некој стар рибарски конец, потребно е да се запали или да се исече на ситни парчиња и потоа да се фрли во отпадот. Доколку се фрли долг рибарски конец, птиците и животините, како чести посетители на разни градски депонии, и понатаму се во опасност. Веројатноста дека токму на ваков начин се спасува еден живот е многу голема.