Ширењето на земјоделството и промените во користењето на земјата создале притисок врз популацијата на птиците. Имаме непрегледни полиња на пченка, а немаме простор за птиците, фауната, природата, вели оринтологот Кен Росенберг

Бројот на птици во Северна Америка од 1970 година е намален за 29 отсто, односно речиси за три милијарди птици, што е зачудувачки голема бројка, објавиле научниците, додавајќи дека ова откритие е всушност само потврда за раширената еколошка криза што владее во светот.

Најзагрозени се птиците што живеат до пасиштата, а причина за тоа се исчезнувањето на ливадите и прериите, ширењето на обработливите површини и зголемувањето на употребата на разни инсектициди.
Но негативниот тренд во бројот на популацијата се бележи и кај шумските птици, но и кај оние што користат други места на живеење. Повеќе од половина северноамерикански птици се преселуваат или во јужните краишта на САД или во Јужна Америка.

– Гледаме дека истата работа се случува и во другите делови од светот. Ширењето на земјоделството и промените во користењето на земјата создале притисок врз популацијата на птиците. Сега ги гледаме непрегледните полиња на пченка сѐ до хоризонтот, нема простор за птиците, фауната, природата – вели оринтологот Кен Росенберг од американскиот универзитет „Корнел“.

Повеќе од 90 отсто од намалувањето на птичјата популација се однесува на 12 вида, меѓу кои најзастапени се врапчињата, славејчињата, ќосовите и канаринците. Слични бројки се забележани и во други држави, на пример во Франција, каде што Националната опсерваторија за биоразличност проценила дека бројот на птици што живеат на пасиштата се намалил за 30 отсто во периодот од 1989 до 2017 година.
– Патките и гуските, пак, претставуваат исклучок. По периодот кога нивниот број се намалил, оваа популација од 1970 година бележи пораст, што е резултат на зголемената свест кај ловџиите и нивното придржување кон заштитните мерки – нагласува Росенберг.


Острите јадици предуслов за успешен риболов

Еден од многу битните предуслови за ефикасен улов на риби се и наострените јадици. Рибарите што сакаат да ловат риби би морале особено да водат сметка за тоа.
Тапата јадица само ќе се лизне, па поради тоа јадицата треба рамномерно да се остри. Со завршната фаза на острењето се отстранува магнетниот слој на јадицата, која се создава при острењето на другите нејзини површини.
Проверката на острината на врвовите на јадицата под прав агол, пак, се прави со нејзино потпирање на површината од човековиот нокт. Доколку остане едвај забележлива трага, јадицата е добро наострена. На овој начин треба да се исконтролира состојбата на јадицата по секое закачување или ослободување од некоја пречка во и надвор од водната површина, како и по завршувањето на риболовот.