Со приближувањето на крајот на вегетацијата, фазанот станува сѐ позависен од храната, па во потрагата по неа може да заталка далеку во дивината. За прихранување на зајакот во дивината најчесто се користи лиснато сено, и тоа од луцерка, детелина и грав, потоа репка, зелка…

Од сите пердувести диви животни, фазанот бара најмногу прихранување. На почетокот на вегетацијата, ловиштето најчесто дава изобилство храна, како од растително, така и од животинско потекло. Во минатото стрништата останувале со години необработени, па фазаните на нив се хранеле. Сепак, во последно време по берењето на посевите, стрништата се палат и се ораат, па, така, за фазаните остануваат голи полиња, на кои нема доволно храна.

Во периодот по обработката на житото со помош на комбајн, фазаните на неплодното земјиште го јадат само семето од плевелот и од грмушките. Со приближувањето на крајот на вегетацијата, фазанот станува сѐ позависен од храната, па во потрагата по неа може да заталка далеку во дивината. Негова дополнителна храна претставува зрнестата (со дијаметар 3-5 мм), како и сточната (репка, морков, зелка и отпадоци од овошје).

За разлика од летната, за зимската прихрана на фазаните обично се планира дневно количество на зрнеста храна од 40 грама по единка. Притоа фазанот може да ги користи и површините засеани со младо жито, како и со кељ. Со привикнувањето на фазанот на местата со хранилиште пожелно е да се почне што побрзо. Веднаш по жетвата на житото треба во хранилиштето да се донесе и концентрирана храна.
На приодните патеки се фрла зрнеста храна или класје со жито, што има за цел да ги привлече фазаните до хранилиштата. На овој начин фазаните се принудени по пат на чепкање да бараат храна, слично како кога се во природата. Храната треба да се носи на хранилиштата дневно или секој втор ден. Најдобро е да се распределува наутро, оти тогаш фазанот е и најактивен во потрагата по храна.

Интензивното прихранување почнува во рамничарските предели од ноември и трае до крајот на март, а на средно високите терени од октомври до крајот на април. Количеството храна што им се нуди зависи од подрачјето и од должината на самото прихранување.

Повеќето свои потреби во текот на вегетацијата, зајакот ги задоволува со храна од природата или од нивите. Дефицитот од храната може да се јави токму во зима, за време на големите врнежи од снег, кога всушност зајакот и прави големи штети во овоштарниците, лупејќи ја кората од младите дрвца.

Но зајакот е познат по неговата особина понудената храна да ја зема само во „критичните“ ситуации, односно за време на невреме (снег, поплави), кога впрочем природната храна ја има во многу мали количества. За негово прихранување во дивината најчесто се користи лиснато сено, и тоа од луцерка, детелина и грав, потоа репка, зелка. За таа цел, снопови сено или изделкани гранки се врзуваат за гранки од дрво или за изработени колчиња набиени во земјата. Добро е по бербата на нивите, на одредени места да се остават малку главчиња од зелка, сточна или шеќерна репка и морков. Зајакот со голема сласт ќе ги изеде.


Блинкери за бистра и за матна вода

Кога рибарот оди да лови, уште од самиот почеток мора со себе да носи најмалку два блинкера, а за рибарите-почетници се препорачува да користат што помали блинкери и со крушкест облик

Универзални блинкери што ловат сѐ и во секоја доба од годината – нема. Тоа, пак, е јасен знак дека кога рибарот оди да лови уште од самиот почеток мора со себе да носи најмалку два блинкера. Првиот треба да биде што поприроден, односно без изразити бои, додека вториот да биде со што подречливи, повпечатливи бои.
Со овие со природна боја се лови во текот на целиот ден и кога видливоста е добра, односно кога водата е бистра, денот сончев или, со други зборови, кога рибата може полесно да го види рибарот. Рибарот, пак, со ваков блинкер ѝ нуди на рибата што поприродна имитација на мамка.
Дречливите впечатливи блинкери рибарот ги користи кога видливоста е намалена, поточно ноќе, кога денот е тмурен и во матни води, односно кога блинкерот треба да се истакне што повеќе за да може да го забележи рибата.
Понекогаш рибата добро реагира и на блинкерите со дречливи бои и кога видливоста е добра, иако многу ретко, а поголем е процентот кога рибата добро реагира на блинкерите со природни бои во текот на помала видливост во водата.
За рибарите-почетници се препорачува да користат што помали блинкери и со крушкест облик.