Истражувањата докажале дека повеќето видови риби ги разликуваат сите бои видливи за луѓето, а некои можат да видат дури и повеќе
Ако е познато дека дури и кучињата имаат сериозни проблеми со разликувањето на боите (најдобро ги гледаат сината и жолтата), тогаш рибите, сместени подолу на скалите на еволуцијата, веројатно не ги разликуваат боите воопшто. А всушност не е така.
Истражувањата докажале дека повеќето видови риби ги разликуваат сите бои видливи за луѓето, а некои можат да видат дури и повеќе. Сепак, постојат големи разлики во способностите помеѓу различните видови риби. Тие разлики, пак, зависат од факторите на животната средина, како и од водата и од интензитет на осветлувањето.
Окото на рибата е изградено слично како и окото на другите ‘рбетници. Мрежницата игра клучна улога во процесот на гледање. Фотосензитивни рецептори се наоѓаат во мрежницата, а постојат два вида, стапчиња и чунчиња. Стапчињата регистрираат низок интензитет на светлина, а чунчињата работат кога осветлувањето е интензивно. Како и кај повисоките видови, чунчињата се одговорни за разликувањето бои. Луѓето имаат три вида чунчиња и тие се одговорни за регистрирање на трите основни бои – црвена, зелена и сина. А мрежницата изградена на таков начин овозможува да се разликуваат над 300.000 нијанси бои.
Градбата на мрежницата во очите на рибите зависи од условите во кои тие живеат и нивните потреби. Дневните видови, кои имаат многу повеќе чунчиња во ретината, можат многу подобро да ги разликуваат боите од ноќните видови. Рибите што живеат во плитки и добро осветлени води имаат четири, па дури и пет вида чунчиња (на пример пастрмката). Ова им овозможува да разликуваат повеќе бои од луѓето, како на пример ултравиолетовата. Други риби имаат два вида чунчиња, што ја ограничува нивната способност да разликуваат бои до одреден степен (на пример смуѓот).
Од друга страна, пак, рибите што живеат во слабо осветлена средина имаат само еден вид чунчиња. Покрај тоа, нивната мрежница се карактеризира со голем број мали стапчиња и мал број чунчиња. На пример, кај маничот (Лота Лота), односот на стапчињата спрема чунчињата е 200-1.
Рибите од длабоките мориња, а некои видови познати на нашите риболовци (сомот), воопшто немаат чунчиња. Очите на овие риби се многу чувствителни на светлина, а во исто време тие имаат многу мали способности во однос на разликувањето на деталите.
Прагот на светлосна чувствителност на очите на рибата не зависи само од видот. Може да се појават разлики и како резултат на приспособување кон одредени услови (живот во темнина), помеѓу единки од еден ист вид.