Прогласени најдобрите европски музеи за 2019-та
Европските музејски награди, за кои беа номинирани 40 музеи, беа доделени во Сараево, а главните награди ги добија музеи од Холандија и од Швајцарија. Наградата „европски музеј на годината“ ја доби „Ријксмусеум Боерхаве“ од Холандија, а музејската награда на Советот на Европа – Музеј на комуникации од Берн.
– Холандскиот „Ријксмусеум Боерхаве“ ја добива наградата за исклучителниот јавен квалитет што е резултат на вештиот пристап на науката за комуникации. Важните и убави предмети се толкуваат со користење на најновите технологии и личните приказни на луѓето што ја поттикнуваат страста за потрага по знаење. Резултат е наука со човечко лице, која поттикнува љубопитност, како и вклучување на пошироката јавност во расправата за важни научни и етички прашања на нашето време – истакна жирито.
Музејот на комуникации од Берн е награден за креативниот начин на промовирање на медиумската писменост во служба на развојот на одговорното општество во функционалната демократија.
– Музејот е повеќе од изложбен простор – тоа е лабораторија за социјална интеракција, нови односи и креативни процеси, како и место за средба на луѓе од сите генерации што ги истражуваат виталните прашања во врска со улогата на комуникациите во современата култура, историја, политика и идеологија – истакна жирито.
Наградата „Кенет Хадсон“ му е доделена на виенскиот „Велтмусеум“. Наградата е именувана по еден од основачите на наградите, а се доделува за необично и важно достигнување што ја доведува во прашање општата перцепција на улогата на музејот во општеството. Само неколку европски музеи длабоко се соочуваат со колонијалното минато или неговиот континуитет во 21 век. Виенскиот музеј со единствена интелектуална искреност ги препознава дилемите вградени во неговата збирка и се обидува да создаде нов идентитет како современ музеј што го слави културното богатство на планетата и промовира почитување на човековите права, интеграцијата и интеркултурниот соживот.
Наградата „Силето“ за работа со локалната заедница и волонтерите му е доделена на данскиот „Страндингсмусеум Сент Џорџ“, кој е посветен на бродоломите и други драматични случувања, а музејската награда „Портимао“ за најгостољубив музеј, која се доделува од оваа година, ја доби музејот „Брунелс“ од Велика Британија.
Специјални признанија добија: музејот „Апоксиомена“ од Хрватска, „Хаус од јуропиан хистори“ од Белгија, „Меморијал де Вердун“ од Франција, „Моесгард музеј“ од Данска… Доделувањето собра повеќе од 200 музејски стручњаци од дваесетина земји.
Директорот на победничкиот холандски музеј, Амито Хархуис, го прими трофејот „Мајка и дете“, дело на скулпторот Хенри Мур, кој ќе го чува една година и потоа ќе му го предаде на својот наследник.
Специјалниот претставник на ЕУ, Ларс-Гунар Вигемарк, нагласи дека богатството на различните култури е една од главните вредности на Европската Унија и дека токму музеите се чувари на културното богатство и различноста.