Историчарката на уметноста Викторија Грозданова Коцевски укажува дека сликарството на Дичо Зограф од црквата „Св. Никола“ во скопското село Глуво се наоѓа во мошне лоша состојба
Псевдофрески инспирирани од раритетните фрескокомпозиции од црквите „Св. Георги“ во селото Бањани и „Св. Никола“ во селото Глуво, како дел од богатиот и значаен опус на зографот Димитрија Крстев, познат како Дичо Зограф, беа презентирани на изложба во Музејот на градот Скопје на крајот на 2020 година.
Авторка на изложбата, која се реализира под насловот „Фрескосликарството на Дичо Зограф во црквите од Скопскиот Регион“, е кустос-советничката и историчарка на уметноста Викторија Грозданова Коцевски. Таа укажува дека овој изложбен концепт опфати презентација на псевдофрески инспирирани од комплексната тема „Страшен суд“, која е насликана во 1846 година и го зафаќа целиот источен ѕид од припратата на црквата „Св. Георги“ и композициите „Исус Христос Вседржител“, осум фигури на пророци и „Преображение Христово“, насликани на сводот од припратата на црквата „Св. Никола“ во 1855 година.
– Техниката на изработка на псевдофреските е еден посовремен и попрактичен пристап за презентирање на фрескосликарството. Се користеа квалитетно изработени фотографии испечатени на тип платно, кои потоа се поставуваа на одреден тип подлога, а изработката се финализира со материјал што се користи за фрескотехника. Дичовите творби од споменатите две цркви се мошне впечатливи и изненадувачки, особено темата „Страшен суд“, која наедно претставува и единствен негов познат примерок во доменот на ѕидното сликарство и иконописот, но и една од најрано датираните фрескоцелини на зографот, а која според ктиторскиот натпис, испишан над вратата што води од припратата во наосот, се датира на 5 декември 1846 година.
За сликарството од црквата „Св. Никола“ најнеопходно е да се забележи дека се наоѓа во мошне лоша состојба и би сакала да апелирам до институциите за заштита на културното наследство за што поскоро отворање постапка за конзерваторско-реставраторска интервенција – посочи Грозданова Коцевски.
Според неа, презентираните дела отвораат нови прашања и нудат одговори што таа ги смета за значајни во дооформувањето на сликата за творечкиог опус на Дичо Зограф, кој по своите фрески и икони е познат и во Србија, Бугарија, Албанија и во Грција.
Кустос-советничката вели дека иако наведените два фрескоансамбли претставуваат само мал сегмент од импозантниот Дичов придонес во црковната уметност на 19 век, сепак се мошне значајни за дообјаснување на раната фаза од неговото творештво и за дополнување на големата бројка на неговите веќе познати фрескоансамбли во црквите „Успение на Богородица“ во Каменско, „Св. Никола“ во Геракомија, „Св. Богородица Челница“ и „Големи Свети Врачи“ во Охрид, потоа „Св. Архангел Михаил“ во с. Битуше, „Св. Апостоли Петар и Павле“ во с. Тресонче, „Св. Георги Победоносец“ во с. Рајчица и „Св. Ахил Лариски“ во с. Требиште (Дебарско), како и во манастирската црква „Св. Богородица Пречиста Кичевска“ (Кичевско).
Во каталогот за изложбата таа посочува дека повеќегодишното творење на овој познат македонски зограф во црквите во Скопје и во Скопскиот Регион се издвојува како едно од најплодните во неговиот тридецениски работен век. При досегашните истражувања, во црквите од Скопскиот Регион се евидентирани околу 400 икони и две фрескоцелини, кои со сигурност, смета кустос-советничката, се атрибуираат како дела на Дичо Зограф, при што на повеќето од нив зографот ги оставил својот потпис и датација.
– Бидејќи иконописниот опус на Дичо е пообемен и подетално истражуван, евидентиран и објавуван, се надеваме дека со понатамошните проучувања на Дичовото дело ќе наидеме и на повеќе нови фрескоцелини, не само на територијата на Македонија туку и во соседните земји – вели Викторија Грозданова Коцевски.