ТИФФ покани 11 режисери да снимаат 11 кратки филмови во нивните куќи, коментирајќи ја на тој начин новата реалност во која живееме сите. Главната идеја за секој режисер е да создаде краток филм до три минути од дома
Македонската режисерка Теона Митевска ќе учествува во проектот „Простори 2“ во рамките на Меѓународниот филмски фестивал во Солун. Познатиот филмски фестивал се досети на инвентивен и креативен начин да се мине полесно и поубаво времето во карантин и да се надмине светската криза предизвикана од пандемијата на ковид-19.
Теона Митевска во овој проект ќе партиципира заедно со многу познати интернационални режисерски имиња. Режисерите меѓу кои се унгарскиот режисер и добитник на Берлинале, Илдик Ениди, познатиот шпански режисер Виктор Морено, американскиот актер и режисер Џон Ц. Линч, аргентинскиот режисер Матео Бенденски, канадскиот режисер Јунг Чанг и други, ќе снимаат кратки филмови во своите домови. Филмовите потоа ќе бидат достапни на јутјуб-каналот на Солунскиот филмски фестивал во наредните недели.
Меѓународниот филмски фестивал во Солун го објави својот повик за креативност преку неговиот проект „Видови простори“. Додека сите кратки филмови се создадени од 11 грчки режисери и Академијата на Грција. Фестивалот познат во светските уметнички кругови поради справувањето со пандемијата предизвикана од ковид-19 ги премести своите активности преку онлајн-платформите. Во насока на полесно и поубаво справување со карантинот и дополнување на недостигот од кинопроекции поради затворање на кината низ светот, Меѓународниот филмски фестивал во Солун ги продолжува своите активности на многу креативен начин.
Покрај проектот „Простори 2“ во кој учествуваат интернационалните режисерски имиња, меѓу кои и македонската режисерка Теона Митевска, беше организиран и проектот „Видови простори“. ТИФФ покани 11 режисери да снимаат 11 кратки филмови во нивните куќи, коментирајќи ја на тој начин новата реалност во која живееме сите. Главната идеја за секој режисер е да создаде краток филм до три минути, дома, користејќи ги околината, луѓето или животните што постојат во тој простор. Исто така, единствените места што се дозволени на отворено се простори за живеење, како што се балкони, градини, тераси или скалила.