Пандемијата само дополнително ни стави до знаење дека државата не е способна да ги препознае и достојно да ги заштити активните чинители на културата надвор од институциите, велат од фестивалот „Македокс“
Спонзорствата во културата се очекувани, но, за жал, и сега, како и во годините пред пандемијата на ковид-19, до нив не се стигнува лесно. Не е ништо ново ако се рече дека и тогаш ги имаше многу повеќе во сферата на забавата и спортот отколку во културата за поддршка на театрите, музеите, оркестрите, концертите на класична музика, изложбите… Пандемијата и во оваа сфера си го направи своето, па многу од спонзорите поради здравствената и економската криза, поради неизвесноста што ќе се случува со нивните фирми во иднина, ги откажуваа спонзорствата на ретките културни настани. Поради промените во медиумите иницирани од кризата, намалени се и буџетите на компаниите за спонзорства во нив. И на Балканот, како и насекаде во светот, намален е и бројот на посетителите на културните настани, а тоа лесно влијае на спонзорите да ги пренасочат парите кон поддршка на настани на кои доаѓа многу повеќе публика. A и во Македонија не е многу поразлично од порано, сѐ почесто се одржуваат културни настани, но спонзорствата и поради актуелната криза сѐ уште се ретки.
– Иако изминатава 2020 година беше навистина тешка и непредвидлива за културата, сепак нашите спонзори, или како што ние ги нарекуваме пријатели на културата, не нѐ заборавија и ни излегоа во пресрет за некои од настаните што ги организиравме. Навистина можеме да кажеме дека и во тоа време во кое беа погодени сите, дел од локалните бизниси излегоа во пресрет и ни помогнаа – изјави директорот на центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, Сашо Тодоровски.
Тој напомена дека и во оваа година ќе продолжат соработките со дел од спонзорите што помогнале во одбележување на 40-годишнината од постоењето на центарот, на што вработените во него се благодарни.
За фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“, институционалната финансиска поддршка и поддршката во форма на комерцијални спонзорства не е и не била во знак на препознавање и признавање на проектите од културата дури и пред почетокот на пандемијата.
– Кај првите, државните институции, проблемот е во немањето конкретна стратегија и критериум за препознавање на квалитетот и придонесот на проектите во полето во кое тие се насочени и целокупната јавност. Додека проблемот кај вторите, комерцијалните спонзорства, е тоа што тие се раководат од желбата за преземање на проектите преку брендирањето, а не од желбата за поддршка на квалитетна приказна. Токму поради ова „Македокс“ е фестивал што од самиот почеток негува посебен пристап кон изборот на своите комерцијални спонзори. Тие се малку на број и мали, но го разбираат начинот на суптилен маркетинг и значењето дека некогаш доволен маркетинг е само да си дел од добар културен „производ“. Сепак, не е дека ние не сакаме или сметаме дека културата не треба да се финансира од комерцијални спонзорства, напротив, сметаме дека се многу важни и заедно со нив треба да се работи на промената на стратегиите и мерките на државата за нивните придобивки при инвестиција во културата. Сепак, пандемијата само дополнително ни стави до знаење дека државата не е свесна ниту способна да ги препознае и достојно да ги заштити активните чинители на културата надвор од институциите. „Македокс“ е единствениот фестивал во државата, кој пет години по ред добива поддршка од програмата на Креативна Европа – „Медиа“. Оваа година, поради доцното воведување на новата програма „Медиа“ 2021-2027, „Македокс“ ќе ја изгуби можноста за аплицирање. И покрај тоа, во државата никој нема разбирање за потребата од дополнителна поддршка за 12-то издание на фестивалот и задржување на неговото реноме во Европа – изјавија од фестивалот „Македокс“.
Пандемичниот период беше предизвик и за банките што се познати како спонзори на културни настани да продолжат да го прават тоа. Една од нив, Комерцијална банка АД Скопје ја продолжи својата стратегија за општествена одговорност за периодот од 2017 до 2021 година.
– Фокусот на општествената одговорност на банката во 2020 година беше поддршката на јавното здравство, кое го понесе најголемиот товар од борбата во справувањето со последиците од ковид-19. Но останавме и верен партнер на културата со цел да дадеме поддршка за промовирање на успехот, иновациите и напредокот во оваа значајна област од општеството. Комерцијална банка имаше чест да биде генерален покровител на значајната награда „Роман на годината“ за 2020 година. Банката беше спонзор и на најновото музичко дело на гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски. Традиционално бевме ексклузивен спонзор на наградата „Новите“ за најдобар прозен дебитантски ракопис, со која се поддржуваат, пред сè, младите и недоволно афирмирани автори и која претставува афирмација на прозното творештво во земјава. Ги поддржавме и јубилејниот концерт на камерниот оркестар „Скопски солисти“ по повод 20 години уметничка дејност, 41-то издание на интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ и други проекти. Банката даде сестрана поддршка на голем број проекти што и покрај вонредните услови се реализираа во редовна или видоизменета форма и помогнаа за продолжување на нормалното живеење. Останува партнерството кон проектите, кои поради пандемијата биле одложени од организаторот и соработката да продолжи во наредниот период – изјави Спасијка Ефтимоска, координаторка за односи со јавноста во банката.
Таа потенцираше дека и годинава ќе продолжи и традиционалното партнерство со повеќе културни настани и проекти како значаен заеднички придонес за афирмација на македонската култура.
Меѓу многуте стручни, јавни размисли и новинарски гледања на ситуацијата со спонзорирањето во културата е и прашањето што можат да направат културните институции соочени со „новава реалност“, но и воопшто во иднина. Одговорот на тоа е да станат што повидливи преку социјалните мрежи, но да ги користат за таа намена стандардите на модерната дигитална продукција за да бидат подобро видени од спонзорите. Постојат и предлози културните институции во овој период на криза на спонзорите да им понудат услуги од своите маркетиншки служби и дејности, со што би ги зачувале односите со нив за во иднина, но и со публиката и со медиумите.