Болест за која речиси ништо не знаеме, за која сѐ уште нема лек и сее смрт, а како да е помогната од невидлива рака… Вака би можел да се опише сегашниот миг во светот соочен со коронавирусот, но истите зборови би можеле да се употребат и за она што се случувало пред 500 години. Светот и тогаш бил во иста ситуација поради чумата, која немилосрдно беснеела. Во тоа мрачно време настанале некои од најсветлите примери на европската уметност, потсетува „Гардијан“. Ремек-делата на ликовната уметност, како оние на Рембрант, Тицијан или на Караваџо, сега може да послужат како некој вид утеха и помош овој миг да го видиме во поинакво светло. По изборот на „Гардијан“, ќе претставиме некои примери на сликари што чекореле по оваа почва пред нас и тешките моменти ги оживеале на своите платна.
Дирер: „Четворицата јавачи на апокалипсата“ (1498 г.)
Смртта и нејзините тројца помошници безобѕирно јаваат, дробејќи ги копитата на своите коњи – ова е Диреровото видување на „Книга на откровението“, кое ги прикажува трите закани за човештвото: војната, гладот и чумата. Јавачот со стрела е симбол на чумата. Неговите стрели погодуваат без предупредување, а не се гледаат. Од овој јавач, според Дирер, најмногу треба да се плашиме. Во средината на 14 век со бродовите на Џенова, кои во Европа стигнале од Крим, стигнала и чумата. За само неколку години оваа црна смрт убила третина од европскиот континент. По првата иницијална пандемија, чумата, предизвикана од бактерија, редовно се враќала во европските градови, сеејќи паника и смрт.
Салватор Роса: „Човечката кревкост“ (1656 г.)
И двесте години подоцна, секој град во Европа бил погодуван од епидемии што усмртувале од десет до 50 отсто од популацијата. Се верува дека во 1656 година најмалку половина од жителите на Неапол, околу 200 илјади, умреле од чума. Роса затоа на својата слика сведочи за смртта од прв ред. Бебе потпишува договор со Смртта, признавајќи ја целата ограниченост и јад на човековото постоење. Смртта е застрашувачки костур со огромни крилја, кои дополнително ја нагласуваат темнината на сликата. Иако италијанскиот сликар ја преживеал чумата во 1656 г., неговиот син, брат сестра и петмина братучеди починале. Детето на сликата е синот на Роса, Росалдо, кој ѝ подлегнал на смртта.
Тицијан: „Пиета“ (1575-6 г.)
Постар човек се моли за својот син и за себе да преживеат – оваа емотивна исповед Тицијан ја насликал кога Венеција била разорена од чумата. Себеси се претставува како полугол клечи пред Марија и мртвиот Христос. За неговата порака да биде уште посилна, тој создава и слика внатре во себе: на заветната посвета до светецот, тој и неговиот син Орациј се молат. Тицијановото платно е апел за помош. Но тоа не му помогнало, Тицијан и Орациј починале од чумата во 1576 година.
Рембрант: „Портрет на Хендрике Штофелс“ (1654 г.)
Една од жртвите на пандемијата на црната смрт, која беснеела низ Европа во средниот век и во Амстердам стигнала во 1663 г., била и Рембрантовата партнерка Хендрике Штофелс. Затоа на сликарското платно Рембрант оживува. Штофелс прво била Рембрантова куќна помошничка, а по смртта на сопругата, му станала партнерка и во животот, но и во работата. Со него добила ќерка и го израснала неговиот син Титус. Кога Рембрант банкротирал, таа почнала да се грижи за неговите работи и овој портрет е сведоштво на нивната љубов. Колку го погодила загубата на саканата жена, јасно се гледа од подоцнежните Рембрантови автопортрети.
Ван Хонтхорст: „Свети Себастијан“ (1623 г.)
Римскиот војник Себастијан, осуден на смрт поради своите христијански верувања, бил светец и заштитник од чумата. А Ванхонтхорстовиот роден Утрехт чумата го погодила во 1620 година. Инспириран од делата на Караваџо, тој на сликата го доловува овој светец како инспиративен херој што по некое чудо преживеал. Иако стрелите, длабоко забиени во неговото тело, изгледаат смртоносно – Себастијан со божја милост успева да оздрави.
Караваџо: „Седум дела на милосрдие“ (1607 г.)
Сите пандемии што ја погодиле Европа носеле со себе уште нешто вознемирувачко – нејзините жртви, односно мртви не можеле да бидат погребени на достоинствен начин. Уште Џовани Бокачо сведочел како, кога црната смрт ја погодила Фиренца, телата на мртвите биле исфрлани на улица. Подоцна откриените јами претрупани со трупови само го потврдуваат тоа. Тие недостојни масовни гробници биле инспирација за Караваџо да ги наслика луѓето како прават добри дела на суровите улици на Неапол. И свештеникот е тука, меѓу нив, и држи факел, додека човекот чии стапала се гледаат од прекривката се изнесува ноќе за да биде погребен.