Утревечер, со почеток во 19 часот, во просториите клуб-ресторанот на МКЦ, ќе се одржи промоција на новата книга на писателот Венко Андоновски, насловена „Припитомување на кучката“.
Венко Андоновски се јавува по подолго време со жанрот преку кој и стана познат во нашата книжевност – краткиот расказ. Со оваа книга раскази, која доаѓа по успехот на неговите романи „Папокот на светот“ (15 изданија) и „Вештица“ (9 изданија), како и успехот на неговите драми, „Олово на перница“, „Генетика на кучињата“, „За секого има по една“ и „Господарот на кукавицата“, Андоновски му се враќа на прозниот минимализам.
Венко Андоновски, во циклусите раскази „Фрески“ и „Иконки“, ги покажува познатите, благородни форми на лудилото: лудилото на љубовта и лудилото на генијалноста. Тоа се форми на класичното лудило на недостигот, кои покажуваат дека недостигот, кој обично се замислува како „празнотија во душата“, всушност е најбогатото чувство на човекот: недостигот е максимална исполнетост на битието со копнеж.