Во горното фоаје на Младинскиот културен центар – Скопје вечерва, со почеток во 20 часот, ќе се одржи промоција на збирката раскази „Белата е најстрашната боја“ од Ирена Јурчева. Ова е нејзина прва прозна книга и е добитничка на наградата за најдобар дебитантски прозен ракопис „Новите!“, која во декември 2019 година ја додели издавачката куќа „Темплум“.
– Книгата на Јурчева е збирка од триесетина кратки раскази. Тие се едноставни, концизни и искрени, со една отворена ранливост пред светот и критиката. Таквиот пристап е во согласност со нејзината тема – созревањето, и начините како да се издржат болките на наглиот раст. Ликовите во нејзините раскази минуваат низ трансформации што ги ставаат во конфликт со себе и со околината. Мотивот на белата боја е очигледната нишка што ги поврзува расказите. Празнотијата, отсуството на идентитет што го сугерира белата е искористено за да се рефлектираат во неа комбинациите на значења. Така, белата е присутна и како продорна снежна јаснотија и како тешка задушлива магла, и како соновна чистина и како застрашувачка стерилност – и „најстрасната и најстрашната боја“ – вели жирито за книгата на Јуручева, кое ѝ ја додели наградата „Новите!“.
Ирена Јурчева, покрај проза, пишува и објавува поезија, а активна е и како проучувачка и преведувачка на фантастичната литература. Промотор ќе биде писателот и професор Владимир Мартиновски. Раскази ќе чита поетесата Катерина Гогова, а музичкиот дел е на групата „Калевала“.