Нацрт 1
Низ непрегледно песочниот амбиент композиторот наидува на момче свртено со грб кон него.
Се слушаат звуци. На прелистување весници, ѕвекот на прибор за јадење, пуштање вода во веце, рамномерно зуење на фрижидер…
Момчето диригира. Иако се чини звуците го упатуваат него.
Постепено – шум на дигалки. Оние високите на големите градилишта. Отпрвин слаб, па сѐ посилен. Станува доминантен. Наскоро ги заглушува другите звуци.
И целата сцена со пустината и момчето се подига. Се витка како насликана на платно.
За миг, композиторот го здогледува лицето на момчето, наивно и можеби слично на неговото некогашно.
Од белината што останува зад сликата, изронува музиката на симфониски оркестар.
Нацрт 2
Околината е бела, целосно бела, така што белата облека на ангелите се претопува во општата белина на просторот. Ангелите носат еднообразни насмеани маски.
Господ не може да се види. Тој е зад белините. Се слуша само неговиот глас, топол баритон: – Воведете го, деца мои.
Две ангелчиња, исто така со насмеани маски, го водат св. Јован. Гол е. На вратот сега има две црвени линии.
Хорот:
„Еве го, повторно тој,
сега сме сите на број.
Редот е пак во боженски спој нека ечи блажен пој“.
Гласот на Господ: – Во небеското царство не знаеме за одмазда. Те прифаќаме како ништо да не беше. Всушност, ништо и не беше, зарем не?
Двете ангелчиња на бел послужавник донесуваат бела облека и насмеана маска и му ги навлекуваат на св. Јован, додека хорот пее.
Хорот:
„Секоја претстава има свој крај но во крајот и почеток е знај особено кога е нај како во нашиот рај“…
… или можеби вака
Истиот распоред, истата боја.
Св. Јован, облечен во својата избледена талкачка облека, влегува носејќи стар, црвен грамофон. Меѓу хорот дошепнувања, додека тој го вклучува грамофонот и пушта плоча.
Започнува блуз. Кога мелодијата се извива до Ге-дур, еден од хористите ја симнува маската. Се покажува симпатично избрчкано белокосо старче.
Блузот се враќа на Це-дур, а веќе неколкумина од ангелите се без маски – еден дебелко со две русокоси убавици од страните, проќелаво носле и средовечна дама што низ очилата со коскени рамки се смешка изненадена.
Двете ангелчиња, како порцелански рококо-фигуринки, буцмасто истрчуваат на сцената, носејќи кошара полна со големи, румени јаболка. Хористите, со и без маски, грабаат од кошарата и танцувајќи по ритамот на блузот, со уживање ги гризат јаболката.