Од основањето на Музејот на современата уметност во Скопје и донацијата на полските автори составена од 212 дела од 134 автори, полската колекција на МСУ првпат досега се изложува во земјата донатор. Интересот за оваа селекција на дела започна пред неполни три години, кога и прелиминарно е направен еден преглед на делата од страна на стручни лица, кустос и конзерватор од Полска во соработка со амбасадата на Полска во Македонија.
Во 2018 година кустоси од Интернационалниот културен центар во Краков, Моника Рудигер, Агата Васовска и Лукаш Галушек, во соработка со кустосите Марика Бочварова Плавевска и Благоја Варошанец од МСУ направија финална селекција на делата за изложбата, која ќе се отвори на 9 јули во Меѓународниот културен центар во Краков, Полска.
– Во целиот тек на преговори е вклучено и Министерството за култура како поддржувач на овој проект во рамките на билатералната соработка помеѓу културните институции на двете држави. На изложбата ќе бидат претставени 76 уметнички дела, цртежи, графики, скулптури, слики, плакети и архивски материјал. Во состав на оваа изложба во соработка со Архитектонскиот факултет при УКИМ и Музејот на градот Скопје ќе бидат изложени 5 макети (Градскиот архив на Скопје, Телекомуникациски центар Скопје, универзитетскиот кампус „Св. Кирил и Методиј“, Музејот на современата уметност и Македонската опера и балет) како и оригиналната макета за изгледот на постземјотресно Скопје на Кензо Танге – најавуваат кураторите и координатори на проектот, Марика Бочварова Плавевска – кустос-советничка и Благоја Варошанец – кустос.