Помина речиси четвртина век откако мојот Институт за македонска литература ја иницира конференцијата „Феноменот Љубов во балканските литератури и култури“, со над триесет балкански учесници. Тоа беше време на конфликти, предавства, пропаганди, беше време на криминал и омраза, а во таков критичен период, моите пријатели и јас решивме да зборуваме и пишуваме за љубовта. Ги паметам тој престој во дрвениот, гушнат со шума хотел „Молика“ на Пелистер и нашето дружење, кое се богатеше со секој следен ден, како импресивен, силен интелектуален, но и емотивен доказ на нашиот панбалканизам.
Сѐ уште верувам и чувствувам дека со тој поширок балкански контекст нашите книжевни и културни вредности само печалат.
Во овој предолг период на корона-изолација, постоењето и соработката во списанијата какви што се „Ајфеловиот мост“ на Миљенко Јерговиќ и „Бриџ“ на Башким Шеху станаа уште поважни. Не е чудно што овие две скапоцени балкански списанија носат „мост“ во својот наслов, како впечатлив доказ да се читаме, следиме и соработуваме на нашиот Полуостров. Поседуваме доволно аргументи да ги афирмираме и браниме нашите индивидуални вредности и ставови, низ подобро меѓусебно познавање.
Каде е Европа во оваа приказна, каде е таканаречениот западен свет? Би се послужил, како предмалку, со податокот за некогашната конференција за Љубовта, со информација за скорашната париска објава на обемните „Lettres europeene: Историја на европската литература“ (англиското издание е во подготовка), плод на соработка на повеќе од сто книжевни историчари, критичари и писатели од цела Европа, од Урал до атлантскиот брег. Како што истакнуваат приредувачите, „иако е координирано од Франција, делото го избегнува галоцентричниот (или европоцентричниот) приод кон книжевната историја на Стариот Континент“.
Делото, најавуваат приредувачите, нуди ревидиран увид во литературите на Балканот, на Југоисточна Европа и на женското писмо и ја промислува улогата на литературата во создавањето на современиот европски идентитет.
Во оваа кратка белешка, употребив два термина што ми се чинат суштински – панбалкански и паневропски приод во вреднувањето на националните книжевни и културни вредности. Мислам дека во тоа лежи добар дел од целењето на нашите заемни иницијативи, но и целта на книжевниот и уметничкиот акт.