Додека се гледал само со голо око или на археолошките мапи, древниот мајански град-држава во денешна северна Гватемала изгледал како уште еден од ридовите на брановидното земјиште на Тикал. Но кога истражувачите ја зумирале фотографијата направена со ласерска опрема, можеле јасно да ја видат структурата обликувана со човечка рака преку која со векови се таложеле слоеви земја и вегетација.
Градбата-пирамида, како што било утврдено, била дел од древниот кварт што опфатил голем двор „обрабен“ со помали згради. Но тие згради се разликувале од оние за кои се знаело дека постоеле во Тикал. Имале јасен облик, ориентација и други карактеристики што архитектонски одговарале на Теотивакан, древниот град што се наоѓал во близината на денешно Мексико Сити, повеќе од 1.200 километри западно од Тикал. Со детално понатамошно испитување на новооткриената структура, научниците дошле до заклучок дека комплексот е реплика на комплексот во Теотивакан познат како Цитадела, кој ја вклучува и шестстепената пирамида на перјастата змија.
– Сличноста беше вчудовидувачка – вели археологот од универзитетот „Браун“, Стивен Хјустон, кој прв ги забележал заедничките карактеристики на двете древни места.
Новото откритие на големиот споменик во срцето на Тикал наметнало ново прашање: Што барала енклавата на далечниот Теотивакан во јадрото на престолнината на Маите? Воден од ласерските слики, Едвин Роман-Рамирез, директорот на археолошкиот проект „Јужен Тикал“, минатото лето започнал серија ископувања. Правејќи тунели низ урнатините, неговиот тим открил градежни постапки, гробници, керамика и оружје типично за Теотивакан од раниот четврти век. Од кандила украсени со сликата на богот на дождот Теотивакан до стрелички направени од зелен опсидијан од централно Мексико, артефактите сугерираат дека тоа место би можело да биде делумно автономна населба во центарот на Тикал, поврзана со далечната царска престолнина.
– Знаевме дека Теотивакан морал да има некакво присуство и влијание во Тикал и во околните области на Маите пред 378 година. Но не беше јасно дали Маите само имитирале некои аспекти на најмоќното кралство во регионот. Сега постојат докази дека врската била многу поголема од тоа – вели Роман-Рамирез.
Тој предупредува дека наодите не докажуваат дефинитивно дека луѓето што го изградиле комплексот биле од Теотивакан. Но она што го откриле им сугерирало дека луѓето што живееле таму биле многу добро запознаени со културата и традицијата на Теотивакан. Таму живееле во своја колонија и се разликувале по идентитетот и ритуалите од жителите на Тикал. Изотопската анализа на коските пронајдени во гробна комора, која сѐ уште е во тек, ќе понуди поголема сигурност во одредувањето на местата каде живеел покојникот во различно време во текот на својот живот.
Врз основа на керамиката пронајдена во урнатините, тимот проценува дека изградбата на тоа место, започната најмалку 100 години пред 378 година, е пресудна во историјата на Маите. Според натписите, кралот на Теотивакан го испратил генералот познат како Родениот од Оган да го симне кралот Тикал, Јагуаровата Шепа, и својот млад син да го постави за нов владетел. Родениот од оган со своите луѓе стигнал во Тикал на 16 јануари 378 година, на истиот ден кога Јагуаровата Шепа умрел. По преземањето на власта, Тикал цутел неколку века, освојувајќи ги ближните градови-држави и ширејќи ги својата култура и влијание. Хегемонијата на Тикал во овој период била добро документирана, но останува непознато зошто, по децении пријателски соживот, Теотивакан се свртел против својот поранешен сојузник.