Уште насловот „Ноќта на огнот“ сугерира дека и огнот има свој притаен, невидлив, ноќен облик, сличен на водата непроѕирна, водата црна од „Небиднина“. Овој оган што трае, што молчи (Црн. Потемнет. Земјен.) е сличен на моќен идол, на некое паганско божество на огнот од некогашниот анимистичен свет, кога сништата, магијата, трансот биле дел од една реална сеопштост, а не биле потиснувани како несакани халуцинации со кои владеат сеништа. Оттаму можеби и земјената патина на Огнот, неговата вкоренетост во почвата, со што се овозможува протокот меѓу појавното и подземното, меѓу постојното и митското, меѓу мртвите и живите.

Се палат лисја како темјан лилав.
А огнот молчи. Ноќ во корен жилав.
И темјанот асоцира на мртвите, но и на соживувањето со нив. Со својот тежок ритуален мирис тој се наближува кон хтонската значенска гама на елементот Земја. Не е чудно што култот на покојникот и култот на предокот се особено негувани кај народите со земјоделска култура. Но тука постои значајно разликување: додека култот на покојникот се однесува на познатиот мртов, на оној со кој се поврзуваат непосредни спомени, култот на предокот е враќање кон митското, како кон залог кон потеклото. Во почвата минатото се чува и преку корен жилав, што изникнува во дрвото, не само како фаличен симбол. Туку и како симбол на обнова. Поврзувањето со Огнот може уште позасилено да го инкарнира принципот на опстојувањето и да го овозможи протокот на светата сила од оној некогаш, предокот, кон овој сега, живиот поет. Уште повеќе, зашто во „Ноќта на огнот“, како и во следната песна од циклусот, „Повлекување на огнот“, познатата агресивна, освојувачка и брза природа на Огнот е заменета со онаа внатрешната, но постојана на Огнотлејачот, кој е многу повеќе спиритуален отколку телесен. Тој молчи преобразен во кора, се повлекува со исушен пламен под езеро тврдо како камен, кондензира, собира, чува, сведочи.

Молчи огнот под бучава тмурна и се вее ко пепел од урна.

Тајното, сатурновско лице на Огнот се препознава и во неговата љубовна песна, сета „загадочна и темна, наспроти силината и моќта на огнот“. Во „Долго доаѓање на Огнот“ мртвите не само што суштествуваат и што содејствуваат во потрагата по тајниот оган туку се и неопходни таа да се оствари. Во чунот на смртта тие се придружуваат на темните митски сили, оттаму да опоменуваат и учат. Погребните ритуали би можеле да се толкуваат и како ритуали на иницијацијата, што го означуваат преминот од еден статус кон друг, а што кај Шопов подразбира и навлегување во онаа друга, невидлива, суштинска сфера на егзистенцијата – црната вода, тајниот оган, мртвите, црното сонце. Патувањето кон и од Небиднината.

Се препелка огнот во кафез од време.
На полноќно сонце зрее црно семе.

Категоријата Време, кондензирана и фиксирана за темниот оган на Шопов, уште еднаш ја наметнува неговата сатурновска боја – црна, гнилежна, но и учителска, навестувајќи го циклусот за Црното Сонце, исто така под полноќната власт на неумоливиот Сатурн-Хронос. Ранетиот титан Прометеј, видовитиот, „оној што знае однапред“, зема токму од тој темен оган да го допре сознанието што тлее во длабините на гладната земја.

(продолжува)