Танц и растење – уште од првите минијатури поетот помалку го опишува, повеќе го доживува исполнетиот раст на мигот и неговата согласност со вечното – танц и раст што не можат да се запрат – колку во поетот, во неговото движење, толку во себе самите, во движењето на светот. Насловот на последната збирка на Шопов, „Дрво на ридот“, како да ја потенцира таа претопеност меѓу единката и светот. Со години порано, кога ги создаваше лирските минијатури „Лист“ и „Штрк“, поетот фокусирано ги опсервираше промените во еден интимен, засолнет микрокосмос.
Не случајно тој внимателен набљудувач е номад, како јапонските хаиѓини, или ќе стане номад како поетот Ацо Шопов. Проточната природа на номадот, иако свет за себе, е неделива од наслушнувањето, загледаноста во природата, кога малечкото станува големо, ослободувајќи го погледот кон сушноста, кон јадрото. Дијалектичката свежост во никој случај не се троши само во динамичниот елан со кој номадот патува или сонува. Дури ни болното, слабо и неподвижно тело не е пречка за номадскиот дух да го продолжи патувањето. Врзан за постелата, сонувачот го прескокнува меѓупросторот да се задлабочи во најмалечкото. Селата изгубени на хоризонтот тогаш стануваат роден крај. Оддалеченоста ништо не растура. Спротивно, таа во минијатура ја собира земјата во која би сакале да живееме. Во минијатурите далечните и разнородните нешта се вкомпонируваат меѓу себе. Тие се нудат на нашиот „посед“, одрекувајќи ја далечината што ги создала. Поседуваме оддалеку, и тоа со какво спокојство!
И кога доаѓа времето да се заврши биолошкиот циклус, и кога устремената птица се претопува во своето последно легло, поетот номад не го прекинува летот. Наспроти слабото, снеможено тело, имагинацијата не се скротува, дури станува експанзивна. Привидно исчезнатата птица се спојува со коњот, синот на ноќта, што во галоп изнурнува од длабочината на почвата и водите. Сложената вплетеност на лунарните влијанија на Жената, сонот, потсвеста и видовитоста го насочува психоаналитичкото толкување на коњот како симбол на несвесниот психички живот. Но следејќи го својот судбински пат, коњот на Шопов се вивнува кон небото и носејќи ја во себе лунарната порака и поткрепата на родното езеро, ја прераснува, но не ја ограничува нескротливоста на имагинацијата.
Беше касно навечер, поларните бели ноќи
Незапирливо мижуркаа и со едното
подотворено око му го покажуваа патот.
Од подотвореното око излегуваа по
четири црнобели девојки
чии боски светеа како ѕвезди на небото.
Геопоетиката се соединува со митопоетиката: за поетот номад се суштински едноставните големи нешта – Сонцето, Ѕвездите, Елементите, Жената – оние што учествуваа во создавањето на Првичниот Свет и на Првата Песна. Стареејќи биолошки, номадот духовно се подмладува, се враќа кон своето прапостоење. Не како во егзил пред минливоста, туку како соочување со објективната безмилосна убавина на животот. Во тоа поле на сознание, колку имагинарно толку и реално, поетот се обидува да го досегне Непроменливото, притоа не губејќи го чувството на разнообразие и движење. Така е допрен божествениот принцип на креирањето, и покрај сета трошност на човековото материјално тело.
… Сонцето се раѓа во земјата на својот Изгрев
и пристигна до земјите на својот Залез.
Лицето му е чисто и измиено
Од најситна прашинка во вселената скриено.
А телото мое закоравено
се раздвижува заздравено
и пие од сонцето вина
од најстара и најчиста сончевина.
Да не заборавиме, поетот номад ја добива моќта на третото око за да го види Повторното Раѓање на Песната и на Светот. Како што сублимно ќе го каже тоа Кенет Вајт во „Номадскиот дух“: „Според тоа, во таа медитација ние не сме ’турнати во светот’, зашто на некој начин го отвораме светот, во премавнување на светот видуван каков е и каков беше пред нашето сонување. Дури и кога сме свесни за слабоста на нашето суштество – со самото дејствување на една брутална дијалектика – доаѓаме до свеста за величината. На тој начин се враќаме кон природната активност на своето суштество, што нештата ги чини неизмерни. Неизмерноста е во нас“.*
* Едно од главните начела на геопоетичкото движење на Кенет Вајт е во нераскинливото содејство на еколошкиот однос кон природата и оној кон човековиот дух. Бев инспириран во таа насока да се обидам да протолкувам неколку стихозбирки од богатиот поетски опус на Ацо Шопов, што, токму во овој глобален трауматичен период на коронавирусот, може, како и секое длабоко поетско, литературно, уметничко дело, да ја поткрене нашата застоена душевна и духовна еволуција отапена од консумеризмот.
(крај)