Во Археолошкиот музеј на Македонија, со изложба, се одбележуваат 40 години од првите археолошки истражувања во неолитската населба Тумба Маџари
Неолитот во Македонија четврти пат се најде во фокусот на истоимената меѓународна конференција, која минатата недела во организација на Центарот за истражување на предисторијата (ЦИП) се одржа во Археолошкиот музеј на Македонија, овој пат во чест на починатиот, реномиран македонски археолог Воислав Санев. Таа беше дел од петтата по ред манифестација „Недела на археологијата“, која во истиот музеј крај Вардар почна со отворање на изложбата „40 години од првите археолошки истражувања во неолитската населба Тумба Маџари, Скопје“, чиј автор е кустос-советничката Елена Стојанова Канзурова.
Со изложбата се одбележуваат три јубилеи поврзани со тој локалитет: 40 години од почетокот на археолошките истражувања во 1978 година, 80 години од раѓањето на Воислав Санев, кој е и првиот археолог-истражувач и негов промотор, и 10 години постоење на првиот археолошки музеј под отворено небо – Неолитското село во рамките на Тумба Маџари.
– Преку презентираниот археолошки материјал (антропоморфни фигурини, фрагменти од познатите жртвеници од типот на Големата мајка, садови и разни предмети изработени од камен, глина и коска), Археолошкиот музеј на Македонија уште еднаш потсетува на големото научно и културно значење на оваа населба. Животот во предисториската населба Тумба Маџари, која денес се наоѓа на територијата на општината Гази Баба, се одвивал во периодот на младото камено време – неолитот од пред 8.000 години, а изложбата наедно е посветена и на сите истражувачи и учесници во археолошките ископувања, кои изминатите децении дадоа свој придонес во афирмацијата и промоцијата на Тумба Маџари и неолитската култура низ светот – посочи кустос-советничката од Археолошкиот музеј на Македонија, каде што споменатата изложба ќе може да се погледне бесплатно во следните два месеца.
Овој музеј е и годинашен координатор на споменатата дводневна конференција за неолитот на која беа презентирани научни согледувања од археолози од повеќе држави, меѓу другото и на следните теми: „Почетоците на истражувањата на неолитот во Македонија“; „Културната традиција ’Блгарчево 2‘ – Долна Рибница во Југозападна Бугарија“; „Праисториска населба Tумба с. Мустафино, Свети Николе“; „Истражување на локалитетот Врбјанска Чука во 2018 година“; „Стари сјајни камења: првите неолитски технологии за жнеење во Република Македонијa“; „Украсни предмети од школките на морските мекотели во неолитот на Македонија“; „Ново светло врз најраниот неолит во Грција и ширењето на земјоделството во Европа“ и др.
Археолозите Гоце Наумов и Љубо Фиданоски од Центарот за истражување на предисторијата (ЦИП) ја оценија годинашната конференција како едно од најуспешните досегашни изданија, нагласувајќи дека одличните гости на мошне високо научно ниво ги презентираа тековните истражувања. Запрашани за значењето на археологот Воислав Санев, тие велат дека тој е еден од родоначалниците на предисториската археологија во Македонија и секако еден од првите што дал структуиран приказ на неолитот кај нас.
– Тој студиозно истражуваше на повеќе локалитети и подоцна направи монолитна синтеза на почетокот, развојот и крајот на неолитот во Македонија, која сѐ уште претставува стожер во тековните студии на материјалната култура и населбите од тоа време. Поради тоа сметавме дека е сосема достојно да ја организираме конференцијата во негова чест, и тоа токму на 80 години од неговото раѓање – рекоа тие.
Наумов и Фиданоски зборуваа и за актуелните научни тенденции во областа на неолитот присутни и на конференцијата, за археолошката соработка и дали таа е помогната од самите држави, од ЕУ, меѓународните организации, приватни спонзорства…
– Уште од почетоците на истражувањата на неолитските локалитети во Македонија во првата половина на 20 век се пристапило кон истражување со странски тимови, какви што се британските и американските. Потоа во времето на Југославија тимовите исто така беа составени од македонски, српски и словенечки археолози, а во една пригода и од голем југословенско-американски тим што истражуваше во источниот дел на Македонија. Потоа, повеќе децении не се случуваа вакви меѓународни соработки што доведе и до фиксирање на македонската археологија во поконзервативни археолошки методи. Имено сите соседни земји во последните седумдесетина години имаа континуирани соработки со интернационални тимови од Европа и од Америка што, секако, доведе до унапредување на нивните техники и резултати од археолошките истражувања. За жал, кај нас не се следеше овој процес и тоа придонесе да останеме многу зад тековните процеси во европската археологија. Меѓутоа со ЦИП се трудиме да ја подобриме оваа ситуација и да придонесеме кон посовремено проучување на археолошките локалитети и материјалната култура. Поради тоа имаме одлични соработки со стручњаци од Швајцарија, Шпанија, Германија, Полска, Србија, Италија и од Чешка што овозможи сосема нови и скоро револутивни резултати и сознанија за неолитот и воопшто за предисторијата во Македонија. Таков е примерот со нашите истражувања на локалитетите Врбјанска Чука во Пелагонија и Плоча Миќов Град во Охридско Езеро, каде што нашите меѓународни тимови значително ја сменија сликата за овие населби и дадоа една сосема нова перспектива за животот на предисториските луѓе во нив. Поради тоа ги проширивме меѓународните истражувања и врз материјалната култура од повеќе локалитети во Македонија, поради што имаме континуирана и мошне плодна соработка со музеите и со институтите во Прилеп, Битола, Охрид, Скопје и во Штип – истакнуваат Гоце Наумов и Љубо Фиданоски.
Ова вмрежување меѓу ЦИП, македонските музеи и странските универзитети покажува одлични резултати што веќе почнуваат да ги следат тековните чекори во европската археологија.
– Поради тоа добиваме покани за презентирање на нашите резултати на врвни конференции и универзитети, како и можност да ги публикуваме во списанија со импакт-фактор, што е показател за квалитетот и темелноста на она што го добиваме како сознание од истражувањата. Истражувањата се делумно помогнати од нашето министерство за култура, како и од сите меѓународни универзитети со кои соработуваме што, секако, овозможува модерно проучување на предисториските заедници во Македонија и нивно презентирање низ светот – велат археолозите.