Мирот и довербата се стожерите на поетската и на научната дејност на Блаже Конески. Неговото монументално дело ги промовира овие длабокoхуманистички идеали

Дваесет и седум години од смртта на Блаже Конески

Блаже Конески е роден на 19 декември 1921 година, а починал на 7 декември 1993 година. Познат македонски книжевен, културен и јавен работник, академик, поет, прозаист, есеист, литературен историчар, филолог, јазичар, преведувач и професор, тој е еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик и значајна личност во македонската книжевност. Автор е на Граматиката на македонскиот литературен јазик (1952/1954) и на Речникот на македонскиот јазик во три тома (1961/1965/1966). Добитник е на многу книжевни награди, меѓу кои наградите „11 Октомври“, „Ацо Шопов“, „Браќа Миладиновци“, Рациновото признание и многу други. Конески е втемелувач на македонистиката на Филолошкиот факултет во Скопје (кој денес го носи неговото име), ценет професор, еден од основачите и прв претседател на МАНУ.
Откако Генералното собрание на Обединетите нации ја прогласи 2021 година за Меѓународна година на мирот и довербата, за да ги мобилизира напорите на меѓународната заедница да се обезбедат траен мир, солидарност и хармонија, Министерството за култура и Министерството за образование и наука на Македонија почнаа иницијатива за приклучување кон прославата на оваа Меѓународна година со програма посветена на еден од великаните на македонската култура, Блаже Конески, по повод стогодишнината од неговото раѓање. Денот на кој се родил овој исклучителен културен деец е запишан и на листата на УНЕСКО за одбележување значајни јубилеи во светот во текот на 2021 година. Оваа годишнина заслужува сите актери на културниот, академскиот и општествениот живот да ги мобилизираат своите креативни сили за достоинствено чествување на ликот и делото на Блаже Конески.

Затоа, Министерството за култура и Министерството за образование и наука подготвуваат платформа за усогласување на различните настани што ќе се одвиваат на национално и на меѓународно ниво. Мирот и довербата се стожерите на поетската и на научната дејност на Блаже Конески. Неговото монументално дело ги промовира овие длабокo хуманистички идеали.
По повод 27-годишнината од неговото заминување од овој свет, издвојуваме една од неговите безброј прекрасни песни. 


Ангелот на Света Софија

Ти којшто толку време мина
под малтерот на ѕидот мрачен,
пак слободен си в простор зрачен
– о сине тих на мисла сина –
со живот пак ти гори видот
и зори како небо ѕидот
Но таа лика што се крие
под малтерот на мојте гради
и – утеха на дните млади –
по убост како сестра ти е,
не, нема мајстор да ја спаси,
со мојот живот ќе се згаси.