Групна тематска изложба со наслов „Надреализам и фантастика (рефлексии) – избор од колекцијата на Националната галерија“ ќе биде отворена вечерва, во 20 часот, во „Мала станица“. Целта на овој проект е да се истражат и претстават развојот и влијанијата на овие правци во современата македонска ликовна уметност преку избор на репрезентативни дела на македонските ликовни уметници што се наоѓаат во колекцијата.
Изложбата ќе се осврне на влијанијата што надреализмот и фантастиката ги извршиле врз развојот на современата македонска уметност во минатото, како и на рефлексиите што може да се согледаат сѐ до денешните остварувања. Во нејзината најава се истакнува дека стремежите за претставувањето на поинаквото доживување на реалноста и за откривањето на метафизичката страна на светот во Македонија, меѓу другото се воочуваат во шестата деценија на 20 век, почнувајќи од средината на 1950-тите години.
Меѓу најзначајните автори поврзани со посочената галериска колекција, како и со изложбата што од вечерва ќе може да се види во „Мала станица“ се, Спасе Куноски, Петар Мазев, Иван Велков, Томо Шијак, Богољуб Ивковиќ, Вангел Наумовски, Трајче Јанчевски, Кирил Ефремов, Момчило Петровски-Моцо, Ванчо Ѓорѓиев, Васко Ташковски, Ана Темкова, Миле Корубин, Милош Коџоман, Рубенс Корубин, Владимир Величковски…