„Лондонскиот фестивал за дизајн“ беше еден од првите настани за дизајн по карантинот, a програмата ги рефлектира најважните случувања на ова поле во 2020 година. Темата на изложбата беше „Новата реалност“ како одговор на пандемијата. Стаклени градини, нов детски херој, постери што го прочистуваат воздухот… беа само некои од најдобрите дизајни презентирани на „Лондонскиот фестивал за дизајн“ и на „Лондонската недела на занаети“.
Дизајнирано за живот
„Хотхаус“, стаклена градина создадена од архитектите на „Студио вејв“ и засадена од градинарот Том Меси, е егзотичната џунгла со тропски растенија што ќе можат да растат во климатските услови во Велика Британија до 2050 година, дури и ако продолжи глобалното затоплување.
„Своч“ без пластика
Новата биоколекција од „Своч“ е футуристичка и ретро истовремено. Додека стилот одекнува во духот на дизајнот на часовниците од првите неколку колекции на „Своч“ по промовирањето на швајцарската компанија во 1983 година, тие се направени од исклучително модерни материјали. Целата пластика е заменета со материјал базиран на семе од рицинус. Пакувањето за часовниците исто така е биоразградливо и направено од скроб од компир и тапиока.
Прекрасен нов херој од сликовница
Американската авторка Џесика Лав го објави продолжението на сликовницата „Џулијан на свадба“, каде што Џулијан и Абуела ја слават љубовта присуствувајќи на свадба на две невести. Таа е добитничка на наградата „Клаус Флуж“ за најперспективен новитет во илустрацијата со сликовници. Наградената книга изработена во гваш на кафена хартија стана задолжително дело за секое семејство што сака да разговара за ЛГБТК-прашања.
Мапи и знаци за модерното време
„Аплајд“ е лондонско студио за урбанисти, планери и графички дизајнери посветено на производство на сеопфатни мапи и патокази. Ковид-19 создаде потреба за комплетно нов пакет насоки за јавна безбедност и упатства за кои во моментов нема универзален сликовен јазик. Така, овој месец, „Аплајд“ создаде библиотека со инфографици во пакетите со алатки достапна за бесплатно преземање онлајн.
Прочистување на воздухот преку футуристички постери
Повеќето се согласуваат дека уметноста е добра за умот, но новата иницијатива на еден музеј во Шпанија гарантира дека е добра и за планетата. Рекламите за претстојните уметнички изложби на „Гугенхајм Билбао“ се обложени во хемиски филм, кој ги претвора билбордите и постерите во прочистувачи на воздухот.
Храна за размислување
Користењето амбалажи и прибор за јадење што може да се рециклираат станува норма. Сѐ почестото користење бамбусови и дрвени прибори за јадење отвора можност за експериментални пакувања. Оваа пролет, гигантот за испорака „Џаст ит“ дизајнира дрвени амбалажи од пулпа обложени со алги. Тие се водоотпорни и може да се рециклираат за четири недели.