Абигејл Лејн, британска уметница
Прекрасно е ако уметничкото дело се најде во приватна куќа во која луѓето што живеат таму изградат приватен однос со него, но и галериите и музеите на уметниците им даваат шанса да го изградат светот од нула што, очигледно, е чист луксуз. Повеќето уметнички дела својот живот го поминуваат замотани во онаа амбалажа што потпукнува и спакувани во сандаци, во темни магацини, па се разбира дека секое покажување им е благослов, вели славната уметница
Делото „Oбјект без наслов“ (1992 г.) на британската уметница Абигејл Лејн, изложено во МСУ во Скопје (се дрвени папучи со дебели ѓонови, а на нив се аплицирани отпечатоци од стапалата на Ен Елиот, некогашна кустоска на колекцијата на Британскиот совет) е дел од изложбата „Родови перцепции“, која прикажува дела на некои од најзначајните жени уметници од Македонија и од Велика Британија. Посетителите до крајот на август имаат можност да го видат светот низ перцепциите на уметниците, вклучувајќи сличности и разлики во изборот на делата на некои од најпознатите британски и македонски уметници што зборуваат за женските прашања денес. Благодарение на Британскиот совет, ексклузивно за „Нова Македонија“ го објавуваме интервјуто со маркантната уметница Абигејл Лејн (1967 г.), инаку припадничка на генерацијата т.н. ЈБА (млади британски уметници), кои заедно почнаа да изложуваат во магацини и напуштени фабрики од 1988 година во Лондон, а како истакнати претставници на групата се и славните Демјан Хрст и Трејси Емин.
Како знаевте дека сакате да станете уметница? Дали тоа постепено го спознававте, или одеднаш?
– Во мојот случај тоа логично се развиваше. На училиште бев на сите страни сѐ до шесто одделение, а потоа дојде изборната настава. Уметноста ми се чинеше интересна опција, но кога полека запловив во тие води, спознав дека коцката е веќе фрлена, бев од оној тип „сѐ или ништо“. Покрај сѐ што се нудеше во училиште, почнав да одам на вечерни часови за возрасни, па секоја вечер останував до доцна создавајќи и подготвувајќи се. Дома сите ме охрабруваа (семејството и ме запозна со современата уметност) така што изборот на уметничката школа близу дома во Бристол беше брз и релативно лесен, како и лондонскиот „Голдсмитс колеџ“ потоа. И на двете се посветив со уживање. Во Лондон бев во генерацијата т.н. ЈБА (млади британски уметници), имав среќа, на „Голдсмитс“ се најде моќна група студенти и како друштво можевме да бидеме многу похрабри отколку што би била сама. Уште додека студиравме сами организиравме забележани изложби, а само неколку месеци по дипломирањето се најдов во Италија како резидентна уметница, а на крајот од тој престој ме чекаше изложба. Оттаму работите почнаа, никогаш немав ни време да размислувам за тоа да бидам нешто друго освен уметница. Ја зедов таа шанса здраво за готово и ја искористив.
Имавте ли резервен план? Некое друго поле на интерес?
– Верувам дека на уметниците им се отворени сите подрачја на интерес бидејќи сите тие се дел од уметноста. Во тоа и е убавината на уметноста, постојано и секаде се случува. Уметноста е влез во сѐ и сешто. Да се биде уметник значи да се гради мрежа во која се фаќаат интереси, идеи со кои или нешто се работи или за нив се размислува. Тоа е повеќе начин на постоење отколку избор на кариера. Се трудам на сите аспекти од својот живот да им пристапам што покреативно, во она што го работам не воспоставувам премногу хиерархиски разлики.
Кое ви беше првото уметничко дело? Го паметите ли чувството откако го завршивте?
– Не знам како да го идентификувам првото уметничко дело. Мислам дека тоа повеќе го одредува практичноста, како на пример, што останало документирано, што кој видел, што преживеало и така натаму. На ист начин настанува и историјата, а и сеќавањето. Додека го зборувам ова, пред себе гледам сликичка на женско торзо во линорез. Тоа мора да сум го направила во школата во Бристол, или на колеџ, уште како тинејџерка. Се сеќавам дека одлучив дека матниот двостран отпечаток ми се допаѓа повеќе од само единечен, затоа што изгледа подинамично, а ми се допаѓаше и самата непрецизност на техниката линорез – се произведуваат копии, но никогаш исти, секогаш непредвидливи. Чувствувам возбуда во шансата што можеше да се изгуби штом се направи графичката матрица. Овој отпечаток некако преживеал (а и самата линолеумска плоча) и во мене поттикнува спомен од пред многу години – затоа го сакам, а и верувам во него. А претпоставувам дека никој, освен мене, не го ни видел, ни го забележал. Кога размислувам за тоа сега, овој линорезен отпечаток е многу сличен на моите подоцнежни дела со гумени печати и перничиња за тинта – дела во кои претставувањето на самите предмети со нивниот латентен потенцијал, ме интересираше повеќе од отпечатокот што го оставаат.
Ја сметате ли својата уметност за провокативна? Ако одговорот е да, што е целта, со каква намера провоцирате?
– Всушност не баш, не тргнувам со намера да провоцирам, кога нешто ќе предочите, секој дијалог е всушност некој вид провокација. Но на крајот на краиштата, времето и блискоста го релативизираат дури и провокативниот аспект, а останува она со што можеме да се идентификуваме, или не. Мислам дека понекогаш моите дела се доживувале како провокација заради провокација, на пример делото „Крвави тапети“, кое првпат беше прикажано во 1995 г. во лондонскиот Институт за современа уметност, а тоа дело всушност беше замислено како дел од постојаниот развој и интересот за создавање ознаки, лоцирање траги што зборуваат за историјата и идеи што довеле до експресионизмот, како во светот на уметничкото творештво така и надвор од него. Посебно ги имав на ум сликите на Џексон Полок, но во тој уметнички процес наидов на, за мене, туѓ мачизам. Сметав дека многу дела од експресионистичката уметност се производ на уметниковите лични потреби – понекогаш тука се работеше за нагли гестови што немаат никаква врска со секојдневниот живот. Ми падна на памет дека, додека уметниците бесно ги полеваат платната со бои, по домовите се одигрува друг вид експресионизам – љубов, насилство и психолошка војна. Ги искористив крвавите ознаки – траги од брутална сцена на насилство во семејството (каде и жртвата и сторителот се анонимни) за да ја покажам и обелоденам страшната експресија на околностите што очигледно избегале од контрола. Мојот чин беше тивок, чин на издигнување на тие знаци (фотографски докази) од нивниот експресивен извор, да ги повторам со печат, помалку или повеќе во природна големина, без крај и завршеток. Постапката беше пресметана и воздржана, но трагите потекнуваат од многу емоционални ситуации. Резултатот беше експресионизам што произведува ефект на лесна исцрпеност. Се надевам дека ова дело покажува нешто од состојбата на свеста – и со приказната што стои зад него, но и без неа.
Што ви значи поимот „уметноста како злосторство“?
– За да се дојде до вистината и да се истражи злосторството се бараат и се собираат докази. Понекогаш чувствувам дека уметничките дела се реликвии на некое слично константно флуидно трагање, па во таа смисла може да се сметаат за докази, но јас не верувам дека во уметноста постои вистината како таква – во тоа и се нејзината поента и убавината. Како сон, кога во еден човек може да живеат неколку луѓе. Таа идеја за уметноста како злосторство може да ми биде занимлив предмет на контемплација, но најпосле и, за среќа, во мојот свет уметничкото дело не е незаконско ниту казниво – а не можам ни да замислам како им е на оние каде што тоа не е така. Меѓутоа, верувам дека каде и да се наоѓате, креативноста не може да се потисне, таа е во човековата природа.
На изложбата во МСУ е изложено вашето дело „Без наслов/Ен Елиот“, за што станува збор?
– Тоа е дело од серијата од 20 нарачки. На ѓонот на секој поединечен пар предмети, слични на налани, се наоѓа гумен печат во облик на отпечаток од стапалото на некоја личност. Теоретски, кој и да ги облече овие налани и прооди во нив, со тие печати остава отпечатоци. Идејата е во тоа дека оставаме траги каде и да одиме, некоја оставина, но и во тоа дека е можно да се присвои личноста на друг и да се создаде конфузна приказна. Првиот направен пар налани ги носи моите отпечатоци, одев во нив и правев отпечатоци за фотографското дело насловено исто како и мојата прва самостојна изложба во Лондон, „Создавање историја“ (1992 г.). Во тоа време мојот живот како уметница тукушто почнуваше, па поради тоа тој гест го следеше оптимизам, но притоа го имав на ум и потенцијалот за измама што ја претставуваат како забавата така и создавањето лажна историја. Имаше такви што ми нарачуваа сопствени отпечатоци, додека други бараа да направам од некој трет. Имаше колекционери што сакаа ѓонови од уметницата, а јас особено уживав во таа игра на зборови (англискиот збор за ѓон и душа имаат ист изговор). Кога малку ќе размислам можеби токму тоа ја зголеми спекулативната вредност. Но тоа е тема што ме интересира на друго ниво. Британскиот совет тогаш ги нарача и ги одбра стапалата на Ен Елиот (која тогаш работеше во Британскиот совет). Меѓу оние што ги дадоа своите отпечатоци се и Сара Лукас, Гери Хјум, Трејси Емин и Мона Хатум.
Дали ви е подраго кога вашите дела ќе завршат во приватни куќи или во галерии/музеи?
– И едното и другото има свои добри страни. Прекрасно е ако уметничкото дело се најде во приватна куќа во која луѓето што живеат таму изградат приватен однос со него, но и галериите и музеите на уметниците им даваат шанса да го изградат светот од нула што, очигледно, е чист луксуз. Повеќето уметнички дела својот живот го поминуваат замотани во онаа амбалажа што потпукнува и спакувани во сандаци, во темни магацини, па се разбира дека секое покажување им е благослов!
Што мислите за пазарната вредност на уметничките дела, може ли навистина таа вредност да се измери со пари?
– Уметничките дела со ништо не може да се мерат на ниеден смислен начин. Секое дело на секоја личност што го гледа, или нешто ѝ значи или ништо не ѝ значи, а тоа во значителна мера зависи и од тоа како му се приоѓа и што се очекува од него. Сите ние градиме сопствени мрежи на интерес, а потоа несвесно бараме и наоѓаме работи што тие наши сопствени зданија или ги прошируваат или ги зацврстуваат. Пазарната вредност нема никаква врска со тоа, и како и во сѐ друго што се однесува на светскиот поредок, има апсурдна нееднаквост и екстреми. Но парите се моќ, а моќта е исклучително заводлива. Работите со повисока цена често имаат подобри шанси во животот. Меѓутоа, на процената истовремено значајно влијаат и теоретскиот ангажман, естетските и емоционалните влијанија.
Која е вашата уметничка мисија во денешниот свет?
– Мојата лична мисија е да останам креативна во сѐ што правам и максимално да ја искористам секоја шанса што ќе ми се укаже. Колку што сум постара, толку таквите шанси подобро ги препознавам. Можностите за уметница што ја поминала 50-та година од животот да има деца денес се поповолни од некогаш. Тоа не значи дека наредната фаза ќе биде лесна, туку само тоа дека за такво нешто има повеќе шанси.
Кој ви е најдрагиот коментар што сте го чуле за свое дело?
– „Го купувам!“. А бе, само се шегувам…
Зошто толку ве привлекуваат темните материјали? И ставањето животни во човечки улоги, ако може така да се каже?
– Животните, во рамките на различни прикази на појави и предмети, често ги користам да предизвикам одреден вид психолошка состојба или расположение. Можно е да чувствувам дека тоа функционира затоа што се навикнавме со животните да комуницираме на невербални и – којзнае – можеби подлабоки нивоа на сетилност. Спрема животините чувствувам искрена наклонетост и сметам дека повеќето луѓе ја потценуваат и својата свесност и моќта на неверојатните врски што е можно да се остварат меѓу различните видови. Кон крајот на 2017 година ми беше понудена можност во една шведска галерија да прикажам преглед на сите свои дела што вклучуваат животни. Животните сами по себе не ги гледам како мотиви на своите дела, а темите секогаш сум ги прифаќала со претпазливост и создавајќи ги тие дека никогаш не сум помислила дека тие некогаш ќе се појават сите заедно, но оваа можност некако заживеа и ми понуди нови сознанија, низ самото групирање. Изложбата „Зоо 1994-2017“ вклучи и стари и понови дела. Ја доживеав како некој вид зоолошка градина на невролошки фрагменти. Кога сите мои животни се најдоа на куп, забележав дека речиси сите се заробени: ограничени со ремени и наметки, покривачи, или ставени на екран или во рамка. Фатени во светлината и мрежата на своите структури. Но забележав и дека речиси сите искажуваат некој зрак на искупување.
На што работите во моментов?
– Изработувам некои везени дела. Тоа оди многу бавно! Користам метли од домашна изработка, потпрени на ѕид, облечени во бели кошули на кои со конец за гоблени везам црвени раце. Од облека изработувам знамиња и сѐ и сешто, од градинарски мотики правам стапови, а космички пејзажи и тули за градење – од делови на својата правосмукалка. Се обидувам да комуницирам со она што ме опкружува.
подготвила:
Весна Дамчевска