Читањето во детството коинцидира со еден период кога иднината ни изгледа ширум отворена. Она што сакаме да го воскреснеме преку книгите за деца не е минатото, туку онаа весела, позитивна перспектива за светот околу нас
„Како мало девојче, потскокнував трчкајќи наоколу низ оксфордските универзитети, јавав на грбот на мечки со оклоп, летав до Свалбард за лично да ја видам магичната убавина на северните светла, и сето тоа го правев од дома, седејќи на нашата тераса во Кардиф. Не, јас не бев фантазерка. Или, поточно, фантазијата не беше само моја“, вели новинарката Гвендолин Смит од „Гардијан“, раскажувајќи за тоа како трилогијата „Неговите мрачни ткаења“ од Филип Пулман го сменила нејзиниот живот.
„Северните светла“ првата книга од неговата трилогија, била објавена во 1995 година кога Смит имала само четири години, така што нејзиното вљубување во литературата на Пулман се случило дури по неколку години.
– Но кога се случи, беше навистина силно. Ги пропуштав пижама-забавите кај моите другарки, семејните вечери, а во една пригода дури и венчавката на брат ми, само за да ѝ се придружам на хероината на Пулман, Лира, на возбудливите патувања низ Арктикот и пресметките во паралелни универзуми. Ако требаше да ги објаснам сите причини за мојата љубов кон оваа трилогија, ќе ми беа потребни страници и страници, но сѐ се сведува на три работи. Прво, ја обожавав немирната и смела Лира, која ми дозволи да ѕирнам во сознанието за тоа каков би ми бил животот ако не бев обично, послушно девојче. Второ, тука беа неодоливите полубожества и демони на Пулман во форма на разновидни животни. Придружниците што во секунда можеа да се претворат од фока во снежен леопард беа големо подобрување во споредба со мојата здодевна измислена пријателка Черил. И трето, се чувствував како бунтовничка. Потоа пораснав и се натерав да почнам да читам и некои други книги, но мојата лојалност кон Пулман никогаш не стивна – пишува Смит за својата пасија.
Оттаму доаѓа и нејзината возбуда во врска со телевизиската адаптација на трилогијата „Неговите мрачни ткаења“. Очигледната заинтересираност кај нејзината генерација за оваа серија е доказ дека нејзините нагаѓања имале логика: книгите со кои се среќаваме во детството се оние кон кои сме најмногу приврзани.
Значи, што стои зад нашата силна приврзаност кон детските книги?
Новинарката Луси Манган нуди некои одговори. Таа посочува дека детската тенденција за препрочитување не е само здрава, туку и неопходна, со оглед на богатството од нови информации што ни ги подарува книгата.
– Учиме за луѓето, за односите, за разновидноста на одговорите и реакциите во многу животни ситуации и околности. Секоја книга претставува комплетен свет. Детските книги се местото на кое првпат се среќаваме со безбројните животни аспекти. Ваквите интензивни периоди на откритија тежнеат да се всадат во меморијата. Секако, постои уште еден фактор – времето. Во детството може непрекинато да читаме и по цели денови, но потешко е кога одите на работа или имате Ватсап. Како возрасни, вашите вкусови или предрасуди се поразвиени, вашето време е поскапоцено и тешко може да заборавите на критицизмот. Од друга страна, децата немаат кочници додека читаат, тие не се секираат дали книгата ќе биде компатибилна со сликата што за себе ја прикажуваат на Инстаграм – вели Манган.
Писателката Кетрин Рандел, пак, смета дека детските книги функционираат на две нивоа – ја задоволуваат жедта на децата за авантури, вметнувајќи ги истовремено на страниците и личните сознанија на возрасниот писател за позамрсените животни аспекти.
– Навистина, книгите за деца мора да знаат како да се избегнат здодевните родители што им читаат здодевни содржини на своите дечиња. Оттука, на некој начин, книгите за деца имаат многу поголема одговорност од оние за возрасната читателска публика – тие треба да ги комбинираат повеќеслојните нови информации со леснотијата во изразот, која постојано ќе ги одржува вниманието и концентрацијата на детето. Па затоа, кога некој ќе ве праша за вашата омилена книга, а вие се мачите да смислите некој наградуван или тежок наслов од класиката, ќе знаат дека лажете. Ниедна од тие не може да биде вашата омилена книга, или барем, не е книгата што имала најголемо влијание врз вас. Книгите што најдлабоко нѐ обележуваат, кои се закопани во нашата психа и го обликуваат нашиот поглед на светот, се токму книгите што сме ги прочитале како деца – вели Рандел.
Се разбира, некои иронично коментираат дека детските книги се полни со носталгија. Но ако и постои носталгија, таа не е копнеж да се врати времето кога сѐ било поедноставно, туку копнеж за поедноставен начин на согледување на нештата. Читањето во детството коинцидира со еден период кога иднината ни изгледа ширум отворена. Она што сакаме да го воскреснеме преку книгите за деца не е минатото, туку онаа весела, позитивна перспектива за светот околу нас.
– Јас бев зависник од книгата „Мали жени“ на Луиза Меј Алкот. Уживав да читам за чувствителната Мег, машкуданката Џо, болешливата Бет и разгалената Ејми со нејзините руси кадрици. Од денешна гледна точка, чинам дека книгава ги зароби срцата на читателите поради виртуозната сентименталност на авторката. Толку сме навикнати да ја презираме сентименталноста, што забораваме колку силна таа може да биде – вели Кејт Келавеј, новинарка во весникот „Обсервер“
Џоана Бигс, писателка и уредничка на лондонската „Литературна ревија“ вели дека книгата што ѝ оставила траен белег е „Тајната градина“ од Френсис Хоџсон Барнет.
– Главниот лик Мери Ленокс е разгалена, но учи да стане подобра кон себе и другите. Тоа на младите читателки им дава надеж дека нивната среќа лежи во нивните сопствени раце – вели Бигс.
Романите за Џејмс Бонд од Иан Флеминг биле клучни за Роберт Мекрам, писател и помошник-уредник во весникот „Обсервер“.
– Моето малолетничко читање не содржеше современи ликови и чудесии. Ние го читавме она што го читале и нашите родители. Имагинацијата на поствоените деца беше под доминација на викторијанските класици како „Алиса во земјата на чудата“. За мене, читањето не беше влезница за фантазија, туку за кршење на правила. Моите омилени авантури беа оние на тајниот агент 007. „Казино Ројал“ излезе од печат во 1953, годината на моето раѓање. Џемс Бонд е мојот Хари Потер. Бев зависник од читање, а мојата зависност се викаше романите на Флеминг: „Д-р Но“, „Златопрстиот“, „Од Русија со љубов“. Тие станаа мојата литературна дрога, на која се сеќавам со копнеж и тага – вели Мекрам. В.Б.Н.