Нов документарец за мексиканската икона
Фрида Кало е препознатлива по своите уметнички дела и единствениот стил, но она што често е во прв план кога се зборува за неа е нејзиниот турбулентен живот. Сега ни пристигнува нов документарен филм за славната мексиканска сликарка што нуди интимен увид во нејзините креативни идеи и процесот на создавање на уметничкото дело.
Фрида стана икона за многу маргинални групи во општеството, на сите луѓе што некогаш се чувствувале отфрлено или како напаст во општеството, а поради своите политички ставови и начини на кои им пристапувала на загрозените групи, полови, сексуалности и културни идентитети, била длабоко почитувана од сите. Во модерното време изгледа како сите да сакаат дел од Фрида, па нејзиниот лик денес е присутен на торби, маици и украси за дома. Фрида стана симбол на слободата и неустрашливоста, но изгледа како сите често да забораваат на нејзините дела и културна оставина.
Да се биде уметник е клучна работа и инспирација во нејзиниот живот, но нејзиниот приватен живот сепак е многу подобро забележан и раскажан. Режисерот на новиот документарен филм, едноставно наречен „Фрида Кало“, одлучи да ја исправи оваа неправда и да создаде филм што во 90 минути ќе го истражува само креативниот свет на уметницата и ќе ги претстави нејзините дела во полно светло.
Во процесот на подготовка на филмот режисерот Али Рај ги прочитал апсолутно сите книги што постојат за неа, а при пишување на сценариото соработувал со биографот Хајден Херера и со Ганит Анкори, кустосот што ги претставувал изложбите на Фрида. Дел од филмот се исто така и членовите на нејзиното семејство, а за да биде поавтентичен филмот во голем дел е сниман во Мексико. Али Рај се вљубил во енергијата, бојата и духот на оваа земја. Имал можност да помине време во Сината куќа на Фрида во кој е родена, живеела и на крајот умрела. Во куќата и натаму се наоѓаат нејзините работи, како книги, прибор за сликање и облека, што му овозможило од блиску да го запознае внатрешниот свет на уметницата.
Филмот исто така допира и трагични настани од нејзиниот живот, кои имале наголемо влијание на нејзината одлука да почне да се занимава со уметност, како сообраќајната несреќа што ја имала на 18 години. Рај, сепак, тврди дека за Фрида најмногу дознал од нејзините писма, кои сами по себе се еден вид уметност. Тие му ги откриле емотивната и кревката страна на оваа жена. Нејзиниот стил на пишување ни открива дека била многу начитана, образована и ангажирана во сите области на општествениот живот.
Филмот веќе се прикажува низ кината во Европа, а наскоро ќе се најде и на стриминг-платформите.
Фрида Кало е мексиканска сликарка на реализмот, кубизмот и надреализмот. Живеела во време на неверојатни движења и промени во светот. Мексиканската револуција доживеала свој процут три години по нејзиното раѓање, поттикнувајќи драматични социјални и економски промени во Мексико.
Со врската со Ривера, мексиканскиот сликар што го воведе модерното сликарство во Мексико, познат по своите исклучителни рани слики во тогаш разбудениот кубистички стил, остава најголем впечаток кај публиката. Мексиканската сликарка и икона на 20 век во светот на најголемите ја воведува токму нејзиниот ментор и љубовник, Ривера.
Имала само една изложба во Мексико, пролетта во 1953 година. Нејзиното здравје во тоа време било многу лошо. Но и покрај молбите на докторите, не сакала да го пропушти тој ден. За сите свои гости приредила спектакуларен настан лежејќи во кревет на средина на галеријата. Фрида се забавувала, пеела и пиела цела вечер. На многубројните новинари им изјавила: „Не сум болна. Јас сум скршена. Но среќна сум сè додека можам да сликам.“ Изложбата постигнала неверојатен успех. Истата година требало да ѝ ја ампутираат десната нога поради што станала многу депресивна. Се обидела да изврши самоубиство неколкупати, во 1954 година починала. Службена аутопсија не е направена, се ширеле гласини за самоубиство. Познати се и нејзините изјави – „Имав две несреќи во животот. Првата кога ме згази автомобил. Другата беше Диего“.
Нејзината животна сторија е забележана на филм повеќепати: „Фрида Кало“, биографски документарец што содржи архивски снимки, првпат прикажан во Амстердам во 1982 г.; „Фрида, натуралеза вива“, филм на режисерот Пауло Ле Дука од 1984 г. во кој Фрида ја глуми Офелија Медина; „Корсетот на Фрида кало“, краток експериментален филм на режисерката Лиз Кроу од 2000 г. во кој ја глуми Изолте Авила; „Фрида“, игран филм од 2002 г. во кој ја игра Салма Хаек; „Фрида вс. Фрида“, краток експериментален документарен филм на режисерката Наталија Назарова од 2005 г.; „Животот и времињата на Фрида Кало“, документарец на режисерката Ејми Стехлер од 2005 година.