Во издание на „Паблишер“ од Скопје, деновиве излезе од печат романот „Луѓе без минато“ на македонскиот писател Ивица Челиковиќ. Станува збор за роман за универзалната апсурдност на историските епизоди во кои е вклештен малиот, обичен човек. Но зад лажната слика на редот обично се крие поинаква суштина и таа отвора низа прашања за трагичната судбина на беспомошните единки затечени во настаните што водат во ќор-сокак.
„Луѓе без минато“ е роман за човечките врски, за фаталните јазли на идеологијата во кои е заробен личниот живот, за ужасните лаги и предавства што го пресоздаваат злото. А единствениот противотров за него е едноставната и чиста човечка суштина.
Ивица Челиковиќ (1962) е автор на десетина поетски и прозни дела. „Луѓе без минато“ е негов четврти роман по: „Зад источната линија“ (2004), „Седмиот ден“ (2014) и „Војници со гумени чизми“ (2016). Челиковиќ е и преведувач од шведски јазик и добитник е на повеќе награди и признанија, наедно е и член на Друштвото на писателите на Македонија и на Сојузот на писателите на Шведска.