Излезе од печат зборникот „Литературно шаренило на Балканот“, чии уреднички се Марина Мијаковска и Алмира Папиќ. Станува збор за мултикултурен, повеќејазичен зборник, кој е синтеза на поетските рефлексивни творби на поетите што живеат и творат во Македонија. Овој зборник со поезија е резултат на шестгодишниот фестивал на поезијата насловен „Балканска вечер на поезијата“, кој секоја година се одржува на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик (21 февруари) во Скопје, а во организација на младинската културна асоцијација на Бошњаците – „Шадрван“.
Во „Литературно шаренило на Балканот“ со по една песна на мајчин јазик и со нејзин препев на македонски јазик се застапени авторитe: Ферид Мухиќ, Борче Панов, Ерол Туфан, Марина Мијаковска, Делвина Крлуку, Љерка Тот Наумова, Алмира Папиќ, Рабије Рашид, Ирена Јурчева и многу други.
– Во нашата држава покрај македонските поети постојат и поети што успешно и активно творат на македонски јазик и на нивните мајчини јазици. Затоа дојдовме до идеја да направиме селекција на дел од попознатите поетски имиња од следниве националности: Македонци, Бошњаци, Срби, Хрвати, Роми, Власи, Турци и Албанци. Творештвото на различните националности во државава претставува културно богатство. Политиката ги создава ѕидовите од граници помеѓу нациите, а културата е сфера во која се создава дијалог од културни вредности и различности во различни бои, а секоја боја е еднакво убава и важна – вели во рецензијата кон овој зборник, составен од песни на 36 автори, Марина Мијаковска.
Предговорот, напишан од Алмира Папиќ, завршува со порака за зајакнување на меѓучовечките односи, а клучен елемент за постигнување таква цел е спознавањето на различните културни вредности. Промоцијата на зборникот е предвидена за 2021 година.