Новинарот и публицист Иван Глигоровски го објави вториот дел од книгата „Македонски лингвисти“, посветена на придонесот на македонските научни работници, чија трајна преокупација е македонскиот јазик.
– Се работи за мое новинарско видување за придонесот во областа на лингвистиката на нашите неуморни поборници за презентирање, докажување и за афирмацијата на посебноста на македонскиот јазик – професорите и научните работници. Во книгата настојувам за сите научници да ги прикажам нивните најважни дела, да ги разоткријам нивните нови истражувачки зафати, а ќе се обидам да пренесам и некои мои лични импресии, ставови и видувања за нивната личност во севкупниот придонес во областа на науката за јазикот и, воопшто, во македонистиката – вели авторот.
Во првиот дел од монографијата беа застапени десет врвни и познати македонски лингвисти и поборници за употребата и чистотата на македонскиот литературен јазик во сите средини на македонското општество: Трајко Стаматоски, Коста Пеев, Благоја Корубин, Лилјана Минова-Ѓуркова, Божидар Видоески, Блаже Конески, Снежана Велковска, Атанас Николовски, Јелица Николовска и Блаже Ристовски. Во вториов дел се опфатени педесетина други македонски лингвисти, кои, според авторот, не се помалку значајни. Тоа се научни работници од земјава за кои Глигоровски не снимал посебни телевизиски емисии за потребите на Македонската телевизија, но тие биле редовни или повремени учесници во многу актуелни емисии и репортажи и изјави на научни собири, симпозиуми, семинари, славистички конгреси. Тука спаѓаат и оние помалку подзаборавените: Крум Тошев, Круме Кепески, Тодор Димитровски, Радмила Угринова-Скаловска, Ружа Паноска, Аритон Поповски и др.
– Нема сомнение дека ова најново дело на новинарот-публицист Иван Глигоровски, кој спаѓа во редот на најупатените и најдобри познавачи во состојбата и опстојбата на македонистиката во Република Македонија и пошироко, е богато со многу содржини, кои и ние стручните експерти од областа на македонската наука за јазикот, првпат ги разоткриваме. И верувајте, тие лингвистички податоци и четива со кои изобилува оваа книга ќе ни бидат од голема корист во нашата натамошна научноистражувачка работа – вели професорката Елена Јованова-Грујовска за книгата.
Иван Глигоровски (1948) досега објавил десетина публицистички дела и е добитник на неколку признанија, меѓу кои и наградата „Мито Хаџи Василиев-Јасмин“ за публицистика во 2007 и наградата на градот Скопје „13 Ноември“ од областа на воспитанието и образованието во 2008 година.