Македонскиот народен театар со големо жалење ја објави веста за ненадејното заминување на Љупчо Петрушевски, доајенот на македонскиот театар.
Актерот Љупчо Петрушевски дипломира на отсекот за актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје, како дел од првата генерација дипломирани актери. Целиот работен век од 1966 година до пензионирањето го поминува во МНТ. Во периодот од 1983 до 1988 година ја извршува функцијата директор на Драмата на МНТ, а потоа од 1988 до 1999 година е директор на МНТ. Повторно е директор на Драмата на МНТ во периодот од 2004 до 2006 година.
– Петрушевски беше неразделен дел од театарот и по пензионирање беше верен поддржувач и гледач на претставите на своите колеги. Секогаш ќе остане запомнет по маркантниот став и секогаш кога ќе се појавеше привлекуваше со внимание и посветеност. Беше неизмерно посветен на театарот.
На сцената го имаше релативно кратко, од 1967 до 1984 година, но во голем број главни и споредни улоги. Во аналите на МНТ ќе остане како директор што постојано се бореше театарот и претставите да стигнат што подалеку од матичната сцена и да го пронајдат својот пат до сите – велат од МНТ.
Првата улога во МНТ ја има во претставата „Случајот во Виши“ (1967). Препознатлив е по улога на Хоакин Муриета, главниот лик во „Славата и смртта“ на Хоакин Муриета (1976). Некои од позначајните улогите му се Михаил Антонов во „Мацедонише Цуштенде“, Витезот од „Рипафрата во Мирандолина“, Виќа во „Сомнително лице“, Пјер во „Граѓанинот благородник“, Владимир во „Габи“, Џони Бојл во „Јунона и паунот“, Фомин во „Зајдисонце“, Зигфрид Крампоносец во „Фарса за храбриот Науме“ и многу други. Петрушевски ќе остане запомнет и препознатлив и по многубројните филмски и телевизиски улоги.