Светот е сцена
Пораката за солидарност со Палестина на уметничката група „Форензик архитекчр“, номинирана за престижната награда за современа уметност „Тарнер“, е повлечена од изложба во Манчестер, по кампањата и протестот на Организацијата на британските адвокати на Израел (УКЛФИ). Уметничката група побара да се затвори изложбата откако нивното дело беше повлечено од галеријата „Витворт“ во Манчестер. Делото се однесува на насилството на израелските сили врз Палестинците, а според адвокатите што ги бранат израелските каузи, тоа е „зајадливо и еднострано прикажано“.
Од „Форензик архитекчр“, кој е тим од архитекти, археолози и новинари, чии дигитални дела што прикажуваат сцени на злосторства се изнесени како доказ пред Меѓународниот кривичен суд, побараа да се затвори изложбата откако дознаа за отстранувањето на пораката.
Отстранувањето на пораката „Солидарност со Палестина“ следуваше по кампањата на УКЛФИ. Писмото испратено на 28 јули од УКЛФИ до Универзитетот во Манчестер, кој ја контролира галеријата „Витворт“, сугерираше дека на изложбата се користат „зајадлив јазик и претстава на Евреите“, а споредбата на палестинските со борбите за слобода на црнците „е дизајнирана со цел да предизвика расна расправа“.
По состанокот меѓу претставници од универзитетот, галеријата, УКЛФИ и групите на еврејската заедница во Манчестер, беше донесена одлука да се отстрани пораката.
– Нашата работа е компромитирана и покрај нашите силни приговори, па бараме изложбата да биде затворена – рече Ејал Вајзман од „Форензик архитекчр“.
Изложбата со наслов „Клауд стадис“ беше отворена од 2 јули и презентира теми како што се загадувањето, хемиските напади и последиците од експлозиите, ја истражува употребата на солзавец и бел фосфор во Палестина, хемиската војна во Сирија, употребата на солзавец против демонстрантите во Чиле, ефектите од намерно предизвиканите шумски пожари во Папуа…
На влезот на изложбата беше закачена белешка со наслов „Форензик архитекчр ја поддржува Палестина“.
– Ние веруваме дека оваа ослободителна борба е неразделна од другите глобални борби против расизмот, надмоќта на белите, антисемитизмот и колонијалното насилство на доселениците и ја признаваме неговата особено тесна поврзаност со ослободителната борба на црнците низ целиот свет. Вчудовиден сум што Универзитетот во Манчестер нѐ принуди да ја отстраниме нашата изјава за „солидарност со Палестина “, која е дел од нашата изложба. Пораката се однесува на добро документираната реалност во Палестина. Универзитетот во Манчестер го стори тоа по притисокот од самоназначената група за лобирање, позната како платформа на екстремно десничарското движење на доселеници во Израел, игнорирајќи ги добро прифатените принципи на академската и уметничка слобода, што е навреда за принципите на човековите права, во Палестина и на други места – вели Вајзман.
Алистер Хадсон, директор на галеријата „Витворт“, рече дека изложбата ќе биде повторно отворена, по оваа „пауза“.