Трогателен приказ на ментална болест… Вака стручњаците го опишаа мрачниот автопортрет од галеријата во Осло и потврдија дека навистина се работи за дело на големиот Ван Гог. Единственото познато дело на сликарот од периодот додека страдал од психоза, без никаков сомнеж, е негово дело, потврдија експертите по неколку години интензивно истражување на сликата.
По десетлетија сомнеж, мрачниот автопортрет конечно доби потврда дека е автентично дело на Винсент ван Гог и единствено дело од овој период. Сликата е направена во 1889 г., додека уметникот бил во норвешката национална збирка од 1910 г., но неговата автентичност отворено се испитува од 1970 година. Меѓутоа, неделава амстердамскиот музеј на Ван Гог објави дека станува збор за оригинал.
На портретот авторовиот израз е безживотен, а доминира мачен зеленкасто-кафен тон.
– Автопортретот прикажува некој што е ментално болен. Неговиот исплашен поглед од страна лесно се препознава и е чест кај пациенти што страдаат од депресија и психоза – велат од музејот.
Ван Гог во 1889 г. се пријавил во душевната болница „Сент Реми де Прованс“, каде што имал тешки психози, кои траеле месец и пол. Овој негов автопортрет може да се поврзе со писмото што му го испратил на својот брат Тео, каде што пишува за сликата што е „обид од времето во кое бев болен“.
Лои ван Тилборг од музејот и професор по историја на уметност вели дека Ван Гог се плашел да признае во каква состојба е, слично како и другите пациенти во ментална установа.
– Веројатно го насликал овој портрет за да се помири со она што го видел во огледалото: личност каква што не сакал да биде, но сепак бил. Тоа е она што оваа слика ја прави толку исклучителна, па и терапевтска – вели Тилборг.
Националниот музеј во Осло ја купил сликата во 1910 г., водејќи ја како прв автопортрет на Ван Гог што е дел од јавна збирка. Меѓутоа поради нецелосни податоци за потеклото и прашањата околу стилот и употребата на бојата, некои експерти се сомневаа во неговата автентичност. Музејот во Осло во 2014 г. побара од Музејот на Ван Гог детално да ги истражи стилот, техниката, материјалот и потеклото, а ова се резултатите.
Делото од Осло ќе може да се види во Музејот на Ван Гог во Амстердам од 21 февруари, како дел од привремената изложба со наслов „На сликата“. Потоа ќе се врати во Норвешка и ќе стане дел од постојаната поставка на Националниот музеј напролет 2021 г., кога ќе се отвори новата зграда.