Француската актерка Жилиет Бинош е годинашна добитничка на почесната награда на ЕФА (Европската филмска акдемија) за европски придонес на светската кинематографија. Специјалната награда на ЕФА или популарниот „ЕУ-оскар“ таа го добива за импресивната посветеност на седмата уметност и богатата разнолика кариера пред камерата. Актерката ќе го наследи минатогодишниот добитник на оваа награда Ралф Фајнс, односно цела низа одлични актери како Џули Делфи, Кристофер Волц, Хелен Мирен…
За „европскиот оскар“ била номинирана вкупно пет пати, од кои трипати го освоила. Годинашната награда ќе ѝ биде врачена на 7 декември во Берлин на 32-то доделување на наградите на Европската филмска академија.
Бинош на почетокот на кариерата во почетокот и средината на осумдесеттите години се најде во филмот на Жан Лик Годар, „Здраво Марија“, а набргу стана омилена глумица на Леос Каракс („Зла крв“, „Њ+ЉУбовници од Понт Неуф) и за улогата во последниот филм го освои својот прв „европски оскар“. Меѓународната кариера ја започна во 1988 г. покрај Даниел Деј Луис во „Неподнослива леснотија на постоењето“ на Филип Кауфман, по што следуваше нејзиниот несопирлив подем. За улогата во „Три бои: Сино“ на Кишловски ја доби наградата за најдобра актерка во Венеција. Најмногу признанија доби за улогата во „Англискиот пациент“ на Ентони Мингела – „оскар“, „сребрена мечка“ и БАФТА.
Името на француската актерка е поврзано со огромен број примери на нејзиниот вонсериски артистички потенцијал. Филмовите и наградите, распоредени пропорционално во целата тридецениска кариера, се само дел од приказната. Бројката е исклучителна, 58 филма, 28 награди од буквално сите фестивали што значат во светот на филмот. Но имајќи ја шансата да oстане и да снима исклучиво во жариштето на филмската индустрија, одбира да се врати дома со „Алис и Мартин“ (1998) на Андре Ташине. Не е првпат Бинош да му одолее на Холивуд. Во 1993 година го одбива Стивен Спилберг за улога во „Паркот Јура“, за да може да ја толкува носечката улога на Жули во „Три бои: Сино“ на Кишловски. Втората оскаровска номинација, овој пат за главна актерка, е во светскиот мегахит на Ласе Халстром од 2000 година, „Чоколадо“.
Во тандем со Џони Деп на екранот, за оваа прекрасна романтична сторија, Бинош стана прв двоен носител на Европската филмска награда за најдобра актерка. „Европскиот оскар“ првпат го освои уште во 1991 година со „Љубовниците на мостот на Леос Каракс“.
Глуми и во два филма на еден од најголемите европски режисери, Михаел Ханеке, „Код непознат“ (2000) и „Скриено“ (2005), кој весникот „Тајмс“ го смести меѓу најдобрите во првата деценија на 20 век. Посебно место тука има релацијата со Иранецот Абос Кјаростами во два проекта, камео-појавувањето во „Ширин“ (2007) и „Заверена копија“ од 2009 година. За последниот, ја освојува наградата за најдобра женска улога на Канскиот фестивал.
Им помага на децата од светот, бидејќи е кума на девет сираци од Камбоџа, финансирала градба на дом за деца без родители преку добротворната организација „Децата на Азија“, социјално ангажирана е преку „Новинари без граници“, а кога е политички активна, ги брани ставовите што смета дека треба да ги брани, како барањето да се ослободи притворениот иранскиот режисер Јафар Панахи.