Магичен спој на традиционални песни и дела од класичната музика направи дуото „Сора“ во црквата „Света Софија“, на концертот во рамките на фестивалот „Охридско лето“. Јапонската саксофонистка Учида Шиори и македонскиот хармоникаш Фати Фехмију, кои веќе три години настапуваат како дуо, а од годинава се и животни сопатници, ги изведоа традиционалните песни „Кавал свири“ и „Ерген дедо“, но на публиката ѝ доловија и традиционални јапонски композиции, како и дела од Јохан Себастијан Бах, Антонио Вивалди, Астор Пјацола, Алесандро Марчело, Александар Бородин и Бела Барток.
Фехмију вели дека ваквиот спој на музика од различни жанрови досега се покажал како многу интересен за јапонската публика.
– Во моментов сум на докторат на токискиот универзитет и со моите колеги истражуваме во областа на музиката. Токму затоа правиме комбинации од традиционални и класични жанрови на музика и слично. Во Јапонија ова е многу популарно. Се работи за една уникатна форма на музика – вели Фехмију.
Дуото „Сора“ беше воодушевено од акустиката и воопшто од целиот амбиент во кој настапи пред публиката на „Охридско лето“.
– Живеам во Истанбул и сум музицирал во црквите „Света Ирина“ и „Света Софија“, сум настапувал и во Италија и во Франција и сум доживеал слични акустични ефекти на сцените. Но црквата „Света Софија“ во Охрид импресионира и во поглед на акустиката и во однос на фрескоживописот на ѕидовите, кој, според мене, е одлично зачуван – додава Фехмију.
Овој млад уметник, чии корени се од Македонија, иако живее во Турција, сепак, како што појаснува, во срцето секогаш ја носи македонската култура и ја претставува насекаде каде што има можност да настапи.
– Иако живеам во друга земја, моето срце е секогаш поврзано со Македонија, со македонската култура и луѓето овде. Сакам да ја презентирам културата на мојата земја насекаде каде што настапувам – вели Фехмију.
Дуото „Сора“ редовно настапува на разновидни настани, на кои изведуваат свои композиции, аранжмани на познати дела, како и дела од класичната музика, традиционалната и народната музика, како и филмската музика, свирејќи притоа на различни инструменти – саксофон, хармоника, пијано, виолина…