Сергеј Тимофеев, летонски поет

Тој е еден од првите во постсоветскиот културен простор што го измисли жанрот видеопоезија. Тимофеев живее во Рига и продолжува да ја комбинира модерната поезија со други уметнички форми и медиуми. Македонската публика ќе има можност да го чуе на првиот „Скопски поетски фестивал“

Сергеј Тимофеев е поет, новинар, преведувач и диџеј од Летонија, кој пишува на руски јазик. Неговите песни се преведени на англиски, италијански, шведски, германски, украински и други јазици. Неговата збирка „Шумата почнува тука“ е преведена на македонски јазик во издание на „ПНВ публикации“. Тој е еден од првите во постсоветскиот културен простор што го измисли жанрот видеопоезија, а неговото прво поетско видеодело „Оркестарска проба“ е создадено во 1994 година, во соработка со режисерот Виктор Вилкс. Тимофеев живее во Рига и продолжува да ја комбинира модерната поезија со други уметнички форми и медиуми. Македонската публика ќе има можност да го чуе на првиот „Скопски поетски фестивал“, кој почнува денеска, а ќе трае до 3 септември, во Младинскиот културен центар

Во вашите песни лирскиот субјект многу често од една стварност скока во друга. Што губи човекот (и што добива) ако не е присутен само на едно место?
– Секоја песна е како мала планета. Taa има своја гравитација, своја геолошка структура, свои жители. И во исто време таа планета може да влезе во некаква галаксија, која можеме во одреден момент да ја претставиме во форма на одредена стихозбирка, книга. И реалноста што нѐ опкружува не е толку хомогена; таа, исто така, има свои слоеви и тајни врати. Хероите во моите текстови честопати се сомневаат во ова, па, затоа, не би рекол дека во моите песни постои некој постојан лирски субјект. Субјектите се заменуваат едни со други. Она што е зачувано е можеби некоја општа оптика на погледот, на расположението, балтичкиот стил. Мислам дека Летонија е земја во која е лесно да се биде поет. Не затоа што поезијата е некако посебно поддржана овде, туку големината на земјата, нејзините градови покрај морето, урнатините на средновековните замоци и советските фабрики, нагласените четири годишни времиња, тишината на нејзините фарми, на само неколку километри од најблиското соседство, сето ова ве става во доста поетско расположение.

Во уметноста многу е важно да постои моментот на изненадување. Вашата поезија изобилува со таков наратив. Без изненадувања, животот е досаден. Кога посакуваме да ни биде досадно?
– Досадата е една од најважните состојби во нашиот живот. Своевиден тест за нашето чувство за издржливост во светот. Дали сме во состојба да изброиме, да видиме во некој одделен здодевен простор на реалноста колку оваа реалност навистина е повеќеслојна, како филувана торта? Токму во состојба на досада, на безвременост, кога ништо не се случува, нашиот поглед е насочен и ние одеднаш почнуваме вистински, непосредно да го гледаме светот.

Навидум апсурдните моменти во вашата поезија ја откриваат повеќеслојноста на свеста, но и на животот. Колку е важно оние што пишуваат да бидат свесни за она што се случува надвор од нив?
– Јас уште од поодамна за себе одлучив дека фигурата на поетот може да се замисли како еден вид радиоприемник. Сѐ е растворено во воздухот, сѐ е веќе некаде во атмосферата, а поетот има своја антена, таа духовна и емоционална чувствителност што го фаќа бранот, ги фаќа овие информации без зборови и ги претвора во зборови. Од друга страна, професионализмот е исто така важен, професионалната читкост на исказот е нешто како копчето за нагодување. И, исто така, мора звукот да е силен, моќта на внатрешниот глас: како звучниците на радиоприемникот. За да можете да слушнете нешто интересно, мора да се совпаднат сите три критериуми: антената, нагодувањето и звучниците. Поетите, се разбира, се многу чувствителни радиоприемници, нагодени за важни флуктуации во етерот во околната реалност. Иако можеби воопшто не реагираат на работите за кои во моментот се дискутира во медиумите или во општеството. Но, поради некоја причина, ние мошне често наоѓаме одредена виљушка за штимање на времето, од некоја мината ера во поезијата.

Историјата е само момент, велите во една песна, без трошка патетика. Што учиме од сознанието дека сме минливи?
– Ние сме дел од свет во кој сѐ има почеток и крај. Го знаеме тоа, но често забораваме на тие нешта. Културата ни ја дава таа димензија, минатото како вид архива на животи, на постапки, на нечии лични избори што влијаеле на општата историја. Веројатно важно е да се знае тоа за да може да се почувствува убавината на светот што секогаш е тука и сега, но во нашите сеќавања или во добрите книги и филмови таа трае како постојана и непрекината музичка нота.

Комбинирате поезија со други медиуми и техники. Сметате ли дека тоа е одличен начин да ја доближите поезијата и до оние што не сакаат поезија?
– Не го правам тоа заради пропагандните цели на поезијата, иако тоа помага во остварувањето нови контакти со нова публика. Но отсекогаш ми импонираше идејата за извесен Gesamtkunstwerk, кажано со терминологијата на Вагнер, синтеза на различни уметности во едно дело. Уште повеќе, никогаш не се сметав себеси за книжевноцентричен, уште од детството, од адолесценцијата, јас самиот сум создаден од книги, од филмови, од слики и од музика. Пораснав во времето кога културата на музички спотови се роди и заживеа во светот. Во Рига, градот во кој пораснав и во кој живеам сега, еден од најмоќните и отворени настани беа годишните „Денови на уметноста“, со изложби на улица, настапи и романтични фигури на уметници боеми. Затоа, самиот сум заинтересиран да правам различни работи во различни формати, да менувам сцени. Бев диџеј долго време, настапував во клубови и водев своја програма на радио, напишав либрето за две опери, заедно со моите колеги поети од проектот „Орбита“ осмислив и спроведов серија инсталации на неколку фестивали и биеналиња на современата уметност и сум еден од првите во постсоветските простори што почна да се занимава со видеопоезија. Во многу од овие проекти имам соработувано со разни музичари и уметници и искуството од оваа соработка беше исто така исклучително важно за мене. Проектот „Орбита“ е исто така приказна за соработка помеѓу четири поети и уметници, нејзините учесници, и оваа приказна трае повеќе од 20 години.

Имате ли читано некој македонски автор?
– Навистина ми се допаѓа она што го прави Никола Маџиров. Се сретнавме на еден од големите поетски фестивали и бевме во контакт долго време, ја организирав неговата посета на Летонија кога настапи во програмата „Север-Југ“ на нашиот фестивал „Денови на поезијата“. За жал, можам само да го читам во преводи, но многу сум импресиониран од минималистичкиот и, во исто време, многу точен лирски тон на неговите песни. Тој е поет на европско ниво, а во исто време, ми се чини, многу локално ориентиран. За мене современата македонска поезија започнува со него, но посериозното и подлабокото запознавање со неа допрва ми претстои.


Почнува првиот „Скопски поетски фестивал“

Првото издание на интернационален „Скопски поетски фестивал“ ќе се одржи од денеска до 3 септември, во Младинскиот културен центар, со почеток во 19 часот. На отворањето ќе читаат низа поети на настанот наречен „Стихофренија“, тематско поетско читање посветено на народната поезија и фолклорот воопшто, а за таа цел читањето ќе биде и музички поддржано со настап на дел од членовите на ВИС „Тркалезна маса“. Ќе биде отворена и ликовна изложба, на која 16 ликовни уметници и графички дизајнери (Зоран Кардула, Ване Костуранов, Никола Пијанманов, Андреј Павлов, Воскресија Андреевска, Тони Попов, Марио Каев, Калин Маловски, Диме Данов, Александар Иванов, Наталија Лукомска, Филип Мартиновски, Ива Јованова, Владимир Лукаш, Емилија Мишева и Владимир Илиевски) ќе се претстават со свои дела што се директно инспирирани или комуницираат со конкретна песна на секој од поетите што ќе настапат на фестивалот. На втори септември, исто така со почеток од 19 часот, на истата локација, ќе бидат претставени поетите од странство: Сергеј Тимофеев од Летонија, Марија Дејановиќ од Хрватска, Танос Гогос од Грција, Ким Симонсен и Вонбјошт Ванг од Фарските Острови, како и македонската поетеса Лидија Димковска, а ќе се емитуваат и неколку кратки поетски филмови. Некои од нив се наменски снимени и инспирирани од песни на поетите што ќе читаат на интернационалната вечер, а авторство е на Валентина Бактијаревиќ од Србија. Остварена е и соработка со „Киноскоп“, фестивал на аналогни и експериментални филмови од Белград, Србија, чиишто организатори за фестивалот направија избор од шест кратки поетски филмови од автори од САД, Јапонија, Германија и Канада. За третиот ден на фестивалот е планиран мастерклас, односно работилница за креативно пишување поезија што ќе се одржи преку платформата Зум, во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ‒ Скопје и Институтот за македонска литература. Работилницата ќе ја води Ким Симонсен од Универзитетот во Амстердам, кој вакви работилници одржал и на други универзитети, како што се „Оксфорд“ и „Станфорд“.
Учесници поети на фестивалот ќе бидат: Павлина Атанасова, Биљана Стојановска, Лира Бојку, Ким Симонсен, Снежана Стојчевска, Диме Данов, Јулијана Величковска, Вонбјошт Ванг, Ива Дамјановски, Владимир Мартиновски, Лидија Димковска, Ана Голејшка Џикова, Ѓоко Здравески, Танос Гогос, Марија Дејановиќ и Сергеј Тимофеев.