Жарко Иванов, продуцент, режисер, аниматор
Анимираниот филм е форма што многу брзо се развива, пред сѐ, поради брзиот развој на дигиталните технологии, камери, софтвери, оптички помагала, специјални ефекти итн. Со новите технологии процесот на создавање анимиран филм е поедноставен, но никако не е полесен и пократок. Можеби денес не цртаме на хартија, туку на графички таблети, но цртежот сепак е цртеж, само што е инстантно дигитализиран, вели Иванов
Најсвежото, најхраброто и најоткаченото од европскиот анимиран филм од 7 до 9 август во МКЦ… Вака е најавено првото издание на фестивалот на европски авторски анимиран филм „Флипбук филм-фестивал“. Критериумите еден анимиран филм да биде избран како дел од фестивалски настан, меѓу другите и на претстојниот, според Жарко Иванов, режисер, продуцент, аниматор, како и еден од организаторите и идејните творци на „Флипбук филм-фестивал“, се оригиналноста на приказната и сценариото, иновативните аниматорски техники, општественото и едукативно влијание и уметничката вредност на тој филм воопшто…
Кој стои зад организацијата и што ќе донесе „Флипбук филм-фестивал“?
– Во организацијата на фестивалот се македонски автори што во последните години беа присутни со свои филмови на повеќето фестивали за анимиран филм. Со Крсте Господиновски, Иван Ивановски и со Владимир Лукаш решивме заедно да ги искористиме сите искуства, контакти и врски со другите фестивали и да ги пренесеме на еден наш фестивал во Скопје. Освен филмовите во главната и студентската селекција, направивме и селекција на анимиран документарен филм, хибридна филмска форма што во последните десетина години зазема сѐ позначајно место во изразот кај многу документаристи и аниматори. За филмовите што беа еднакво квалитетни, но едноставно не успеаја да влезат во натпреварувачките програми, направивме посебна програма, Панорама на европскиот анимиран филм. Вкупно ќе бидат прикажани 87 внимателно избрани анимирани филмови од најновата европска продукција, меѓу кои дури осум македонски анимирани филмови, повеќето премиери за македонската публика. Во фестивалските денови ќе имаме можност, меѓу другите, да ги гледаме новите филмови на Иван Андреевски, Вук Митевски, Саша Станишиќ и студентските филмови на Сандра Јовановска и на Кристијан Савиќ.
Од што се раководевте при изборот на филмови за фестивалските програми? Кои елементи се најважни за едно остварување да се истакне во купишта други?
– Анимираниот филм е форма што многу брзо се развива, пред сѐ, поради брзиот развој на дигиталните технологии, камери, софтвери, оптички помагала, специјални ефекти итн. Со новите технологии процесот на создавање анимиран филм е поедноставен, но никако не е полесен и пократок. Можеби денес не цртаме на хартија, туку на графички таблети, но цртежот сепак е цртеж, само што е инстантно дигитализиран. Сѐ уште, на пример, за куклена стоп-анимација куклите треба да се поместат барем по дванаесет пати за секоја секунда и да се фотографираат, но денес не фотографираме на негативи, кои потоа треба да се развиваат за да се видат евентуалните грешки, туку со дигитални фотоапарати низ кои процесот го следиме во реално време.
Оттука е постојаната потреба да се експериментира со аниматорската техника и нарација, оттука е и потребата од постојано преиспитување на самото создавање анимиран филм и следствено, и критериумите еден анимиран филм да биде избран да биде дел од фестивалски настан: оригиналност на приказната и сценариото, иновативните аниматорски техники, општественото и едукативно влијание и уметничката вредност на тој филм воопшто.
Им давате ли предност при селекцијата на младите неафирмирани творци или сметате дека е подобро да се игра на сигурно?
– Студентската селекција е токму тоа, филмови од млади, неафирмирани автори студенти на некоја од европските филмски академии, кои имаат неколку години време на студиите, под менторство на катедрата и професорите, но и техничка студиска поддршка да направат анимиран филм, а притоа се неоптоварени со буџети, хонорари, студија, продуценти, не прават компромиси со приказната, сценариото или техниката и можат да си дозволат апсолутно сѐ. Секој сериозен фестивал за анимиран филм на студентските филмови им посветува големо внимание. На „Флипбук филм-фестивал“ годинава имаме селекција од 25 неверојатно добри филмови од, меѓу другите, белгиската, француската, германската, чешката и хрватската школа.
„Флипбук филм-фестивал“ може да се пофали со инвентивна графичко-визуелна поткрепа, во смисла на дизајн на промотивните материјали, веб-страница, она што се подготвува за публиката во деновите на траење на фестивалот… Кој е заслужен за тоа?
– Сите ние во организацијата на фестивалот сме визуелни креативци и не смеевме да си дозволиме ништо помалку од сериозно добри визуелни решенија. Многумина ќе ги препознаат карактерите на Лукаш, дизајнерските решенија за логото и дизајнот воопшто што го сработивме со Крсте Господиновски, и секако веб-страницата за која добивме исто толку добри коментари и е дело на Вања Шереметкоски, колега аниматор и соработник на фестивалот.
Тешко ли беше да се изорганизира до најситен детаљ цел еден фестивал во услови кога настаните од културата, не само кај нас, туку и глобално, се редуцирани или во најдобар случај сведени на онлајн изданија?
– Кризата со коронавирусот нѐ снајде некаде на половина од подготовките на фестивалот. Првичните датуми за одржување на фестивалот беа кон крајот на мај и веќе беше направена селекцијата на филмовите и програмата за работилниците, со гостите од жиријата и со авторите на филмовите веќе беше контактирано. Одеднаш се најдовме затворени дома во полициски час и никому не му беше јасно колку ќе трае сето тоа и дали воопшто ќе заврши во скоро време. Секојдневно чекавме известувања од здравствените власти и од ден на ден правевме измени во програмата и во начинот на одржување на фестивалот. Конечно, кога попуштија мерките, се решивме за физичко издание со проекции на отворено, но и за онлајн издание за оние што, од разбирливи причини, нема да се решат да нѐ посетат или ќе бидат надвор од Скопје на летување.
Какво е влијанието на фестивалите на анимиран филм врз развојот на домашната аниматорска сцена, тема што беше планирана за една од панел-дискусиите на фестивалот?
– Успешната приказна на југословенската школа за анимиран филм до распадот на државата беше сконцентрирана во Загреб, каде што и се случува првото издание на „Анимафест“ во 1972 година. Истата таа школа продолжи со традицијата и со негување на анимираниот филм како дел од хрватската школа, но и како еднакво важен дел од хрватската филмска уметност. Хрватскиот анимиран филм денес е еден од најнаградуваните на светските фестивали, а „Анимафест Загреб“ е еден од најголемите и најпрестижни фестивали за анимиран филм во светот. „Аниматека Љубљана“ во последните дваесет години изгради имиџ на фестивал со кој во декември секоја година симболично завршува фестивалската година и е собир на најважните случувања во светот на анимираниот филм, а словенечкиот анимиран филм истовремено доживува огромен успех во светски рамки. „Балканима Белград“, „Анимест Букурешт“ и секако како еден од најпозитивните примери од регионот е фестивалот „Анибар Пеќ“, кој на публиката на маргинализираното Косово му обезбедува неверојатно квалитетна програма. Хранењето на публиката со актуелни и квалитетни филмски содржини неминовно доведува до пораст на интересот, а на локалните автори можност за контакти со гостите, вмрежување, инспирација и поттик за работа.
Имам впечаток дека полека луѓето почнуваат да сфаќаат дека анимираните филмови не се само за деца, туку и за возрасна публика, проблем со кој е осуден да се носи овој жанр, и тоа не само кај нас. На кој начин успевате да ја подотворите вратата за поширок и посериозен прием на анимираниот филм?
– Точно е дека анимираниот филм во регионални рамки за пошироката публика значи цртан филм за деца, томиџери-сфаќање за еден неверојатно артистичен и комплексен дел од филмската уметност. Едуцирањето на оваа (широка) публика не може да се случи прекуноќ. Тоа секако подразбира претходно основно образование од уметноста и културата воопшто, па понатаму навлегување во уметноста на анимираниот филм. Нашата намера е, за почеток, да го доближиме анимираниот филм до публиката со изграден естетски филмски вкус, која нема можност да ги види најновите авторски анимирани филмови, до студентите по визуелни уметности воопшто, кои треба да ја сфатат неговата важност како дел од применетата уметност, и потоа, постепено да го шириме кругот кон ентузијастите, заинтересираните и секако кон образовниот процес од најмали нозе па до создавање сериозна македонска аниматорска филмска школа.
Како режисер и продуцент зад себе и своето студио имате дваесетина остварувања, повеќето успешни на меѓународните фестивали. Колку наградите се мотивација за создавање и влијаат ли на личниот развој на еден уметник?
– На повикот на „Флипбук филм-фестивал“ беа аплицирани повеќе од илјада филмови од Европа. На сите им беше посветено соодветно внимание и беше направена селекција од речиси 90 филма. Така е и со моите филмови како режисер и продуцент. Филмските фестивали и луѓето во процесот на селекција на филмовите, како и во многу области од културата и уметноста, секако не се единствениот, но сепак се висок критериум за квалитетот на едно филмско остварување. Некој од колегите ќе рече дека ова не е спорт во кој најбрзиот на сто метри ќе победи, туку дека станува збор за немерлива уметничка димензија, авторски пристап што не заслужува компетитивност, но сепак кога од неколку илјади аплицирани филмови од целиот свет ќе добиете мејл дека вашиот филм е меѓу селектираните на некој фестивал, а на истиот фестивал понатаму и награден, секако дека ќе се охрабрите и на следната приказна или сценарио ќе им пристапите со поголема самодоверба, ќе се обидете да си го подигнете сопственото ниво и да направите подобар филм.
Вашиот личен авторски пристап во анимираниот филм е многу автентичен, сепак, како гледате на денешните светски тенденции во анимацијата, ги следите ли, „присвојувате“ ли нешто од сето тоа?
– Од сите визуелни информации што стигнуваат денес до нас, позајмувањето е неизбежно, сѐ додека успевате да го вметнете во она што го сметате за ваш сопствен белег, ваш автентичен авторски израз. Со сите филмови се обидувам да раскажам локална приказна, да му „протнам“ на светот нешто наше, претставено со оригинален јазик и карактер.
Откако ќе заврши „Флипбук филм-фестивал“, претпоставувам се враќате со ненамалено темпо на подготовка на нов филм. За што станува збор?
– По фестивалот се враќаме на работа во студио. Со Крсте Господиновски како режисер работиме на куклена анимација со наслов „Неми филмови“, по истоимениот расказ на Димитар Димоски, еден од наградените раскази на Конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“ пред неколку години. Во исто време ќе работиме на мојот нов анимиран филм „Жиголо“, неодамна поддржан од Агенцијата за филм. За новиот филм на Владимир Лукаш „Злостор и казна“ во кој како косценарист ни се придружи писателот Иван Шопов, во очекување сме на добри вести за поддршка од неколку места. Работиме многу, очекувајте нови анимирани филмови наскоро.
Сте размислувале ли, како автор, освен како продуцент, за правење долгометражен анимиран, документарен или, зошто да не, игран филм?
– Играниот филм бара добра уиграност на десетици луѓе на еден филмски сет. Никогаш не би успеал да се снајдам во тој метеж од костимографи, сценографи, сценаристи, режисери, камермани и нивни асистенти, па понатаму асистенти на асистентите итн. Анимираниот филм е многу поразличен во тој поглед, екипите се многу помали и самиот процес дозволува одредена самостојност, отуѓеност, а со тоа и поголема авторска слобода и контрола на целиот процес. Работам на сценарио за долгометражен анимиран филм, а во исто време и на долгометражен анимиран документарен филм. Проектите се во развојна фаза и набрзо ќе почнат да добиваат визуелна форма. Анимацијата има свое посебно темпо и ритам на работа и секој проект зазема голем дел од животот на својот автор. Би можело слободно да се каже дека една долгометражна анимација за секој автор е животен проект.