Mакедонската премиера на филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на режисерката Теона Стругар Митевска по успехот на Берлинскиот филмски фестивал и освоените две награди (престижната наградата на екуменското жири и наградата на германската фела на независни киноприкажувачи) ќе ја има македонската премиера денеска и утре во киното „Синеплекс“ и во киното „Милениум“ во Скопје. Веднаш по премиерите почнува и редовното прикажување во двете киносали во Скопје и домашната публика ќе ја има привилегијата да биде прва што ќе го погледне овој филм.
Од 30 април почнува и редовната кинодистрибуција на филмот во Франција за што е задолжен тамошниот дистрибутер „Пирамид“. Исто така, на 1 мај почнува и редовната кинодистрибуција на филмот во Швајцарија, раководена од една од најголемите дистрибутерски куќи „Тригон филм“, а на истиот датум „Полифилм“ ја почнува и кинодистрибуцијата во Австрија. Во април филмот ќе биде прикажан на четири фестивали. На 1 април филмот ќе биде прикажан во Јужна Франција на филмскиот фестивал „Д’Алес“, потоа продолжува на филмскиот фестивал „Кросинг Еуропе“ во Линц. На првото издание на овој фестивал Теона Стругар Митевска ја освои главната награда со својот првенец „Како убив светец“ и сега се враќа како почесен гостин, а „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ ќе биде прикажан како филм на затворање на фестивалот и оттаму тргнува во редовна дистрибуција во Австрија. Следната станица ќе биде Германија, каде што филмот ќе го отвори филмскиот фестивал во Оди Источно, Визбаден, а Теона Стругар Митевска ќе биде претседателка на главното жири.
Во исто време, филмот ќе биде и во главна конкуренција со уште седум филма од целиот свет на Интернационалниот филмски фестивал во Келн, Германија. По успехот и прекрасната реакција на публиката и високите рангирања кај германската и интернационалната филмска критика на Берлинскиот филмски фестивал не стивнуваат позитивните впечатоци и интересот, и секојдневно од целиот свет пристигнуваат поканите за „Господ постои, името ѝ е Петрунија“, информираат „Сестри и брат Митевски продукција“.